Според првичните анализи, штетата на скопската обиколница по невремето се проценува на околу 5 милиони евра, изјави за НОВА директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов.

Од досегашниот увид оштетени се 5 километри коловоз или 2 километри од автопатот. Стојанов вели дека се прават максимални напори за расчистување на патот и негово оспособување за повторно пуштање во употреба.

„Сега се работи на отстранување на физичките оштетувања, со цел да се овозможи сообраќај по една коловозна лента во двете насоки и се надеваме дека во најскоро време обиколницата повторно ќе биде пуштена за сообраќај.“, вели Стојанов за НОВА.

13920854_934024783386187_4521159301938090137_n (1)

Тој објаснува дека се уште се јавуваат нови оштетувања и дека досега никогаш немала олкава штета на некој од автопатите низ Македонија. На три места на обиколницата по невремето се појавила вода со висина од 2 метри и носела со себе песок, а од силата тампонот од патот подигнат, биле однесени мрежите и банкините. Водата ги однела автомобилите и на далечина од 500-тини метри од обиколницата.

Стојанов вели дека сега треба да се направи проценка на штетата и да се изготви проект за рехабилитација на патот, а потоа да се направи план за комплетна реконструкција. Во иднина ќе се гради нов одводен канал за прифаќање на водите.

13925253_934025626719436_2777791991162723482_n

На прашањето дали досега немало одводен канал, Стојанов вели дека постоел канал како на сите останати автопати, но поплавата покажала дека тој не бил доволен да прифати толкаво количество на вода.

Директорот на Агенцијата за патишта нагласи дека обиколницата се градела по сите европски стандарди.

Но, зошто дошло до огромно оштетување кое однесе и човечки животи, сите досегашни одговори од институциите и луѓето од власта се дека вакво невреме и толкава количина на вода немало досега. Градоначалникот Трајановски се обиде сликовито да објасни дека дождот бил како „водена бомба“ фрлена врз Скопје.

13873248_934026043386061_4451787058474755313_n

НОВА испрати прашања до градежната компанија „А.Д. Гранит“ која ја градела делницата во делот кон Стајковци, како и фирмата „Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии“, која вршела надвор врз изградбата на автопатот. Од двете добивме куси одговори.

На прашањето до Гранит, зошто напукна голем дел од патот кој го изградиле, дали има пропусти при градбата и каде според проектот требало да се слеваат атмосферските води оттаму одговорија:

„ГД Гранит АД Скопје во изведбата на градежни објекти, секогаш своите обврски ги изведува во согласност со законите, техничката и проектната документација. Во врска со прашањата за причините и последиците од поплавите, за истите постојат надлежни специјализирани институции кои вршат анализи и  утврдување на истите од кои треба да побарате одговор. “, пишува во одговорот од А.Д. Гранит.

Немаше конкретен одговор ни од фирмата која го правела надзорот, за тоа дали биле запазени сите стандарди при изградба на делницата, дали се правени корекции на проектот и дали имало евентуално отстапки при изградбата?

Оттаму рекоа дека на прашањата ќе одговореле кога ќе ги проучеле документите.

„Со задоволство ќе Ви одговориме на поставените прашања, но за тоа ни треба извесно време. Објектот Северна обиколница на Град Скопје започнат е да се гради во 2002 година, а пуштен во употреба во 2009 година. За објектот постои обемна техничка документација ( основен проект, технички услови за градење, проект за изведена состојба и други документи) и истата треба да се проучи“, е одговорот од фирмата која го вршела надзорот.

13876695_934025503386115_6394254039074739204_n

НОВА вчера објави дел од обиколницата го градела фирмата Бетон, а дел Гранит. Делот кој што го изградил Бетон нема оштетувања. Оштетувањата се на делницата која ја градел Гранит.

Скопската обиколница е со вкупна должина од 26,7 километри и се градеше речиси една деценија. Вредноста на целата обиколница е околу 135 милиони евра.