Пишува: Нано Ружин

По двете исцрпувачки години на Корона Пандемијата, исполнети со бугарското вето,  војната во Украина и реизборот на Емануел Макрон, двата аспиранти за добивање датум за почеток на преговорите (Северна Македонија и Албанија) сеуште тапкаат во место. Во таквите премрежија, со некоректноста на Софија, и егоцентроизмот на Тирана која настојува да се одвои од балканската двојка,  се загрозија и амбициите за добивање на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.  Дали новиот мандат на Макрон ќе ги материјализира амбициите на Скопје и Тирана? Засега прашањето останува хипотетичко, бидејки францускиот старо-нов претседател уште од Самитот на ЕУ во Брисел (18.X. 2019) кога се спротивстави на проширувањето во полза на новата методолгија и нешто поомекнатиот   став   за време на  хрватското претседателство со ЕУ (јануари 2020), не се произнесе за европската судбина на Скопје и Тирана.

Во последниве пет години политиката на проширување на ЕУ стагнираше. Еврократите  оправдано очекуваат  посилен ангажман на Макрон по неговиот реизбор. За разлика од претходното претседателско петолетите, тој веќе поседува и поширок маневарски простор, бидејки најмногу во два мандати може да биде биран претседател на Франција. Во отсуство на силната Меркел, Макрон ќе има одврзани раце но и поголема одговорност како во однос на реформите така и  во однос на проширувањето. Ќе си дозволи да комуницира слободно без да стравува за ефектите на  потезите  врз јавното мислење во Франција. Во овие денови примарно прашање за Макрон се парламентарните избори во Франција (12 и 19 јуни) и војната во Украина, додека проширувањето и продлабочувањето на ЕУ е ситуирано во долниот дел на агендата на Макрон.

Украина, Молдавија и Грузија го потсетија Макрон за „проширувањето“ на ЕУ

Во колективната меморија на албанското и македонското јавно мислење, Макрон останува во лошо сеќавање, кога по Преспанскиот договор, се спротистави кон отпочнувањето на преговорите на Тирана и Скопје со ЕУ. Франција на Макрон предложи да се замени тогашната гломазна преговарачка процедура (35 поглавја) со „поконкретен, постепен, поригорозен“ процес од седум чекори. Во меѓувреме Пандемијата и руската агресија на Украина го маргинализираа прашањето за проширување. Меѓутоа, во февруари оваа година повторно се актуелизира кога Украина,  Грузија и Молдавија испратија барање за членство во ЕУ.  По единасет денови барањето беше рационално и мудро одбиено од страна на  Брисел. Украина инсистираше на политичка одлука за забрзано зачленување во ЕУ . Меѓутоа претседателот Макрон  во функција на француското претседателство  на ЕУ, предложи една алтернативна истрошена формула на партнерство која исто така не е задоволувачка а која нема да ја премисли Русија за натамошните напади. Овие  барања создадоа извесна дебата во ЕУ  околу потребата за додефинирање на концепцијата за проширување: дали е позначајна политичката или праванат димензија на проширувањето? Дали окупирани држави (Украина) или оние кои што се вон европскиот геополитички простор (Грузија) можат да се здобијат со членство?  Како Кипар кој според ЕУ е окупирана територија и зафаќа дел од Азија, успеа да стане членка на ЕУ? Каков статус за Молдавија?

Макрон во 2019 како Ведрин во 1998

На 18 октомври 2019 , расправите во Советот на ЕУ за утврдување на датумот за преговори со Северна Македонија и Албанија се одолжиле до 2 часот наутро. Макрон како млад и немирен пастув  бил свесен дека во присуство на Меркел неговото блокирање на двете балкански држави преизвикувало  негодување на останатите членки на ЕУ. Тој по секоја цена сакаше нешто да промени, да го истакне својот интелект и да го најави неприкосновениот доминирачки галски тон. “Тврдам дека спречувањето на проширувањето што е моја визија не е мнозински прифатена од  страна на Советот на ЕУ. Проширувањето прерасна во вид нова европска теологија.“ Подржувачите на Макрон во 2019 го подржаа ставот на францускиот претседател со речиси антитеолошка реторика против оние кои беа за проширувањето. „Дали Европа е религија. Како таква, таа има свои догми и свои свештеници. Да се ​​отстапи од неговите канони значи да се преземе ризик од богохулење или дури и ерес и екскомуникација. Емануел Макрон го доживеа тоа кога се осмели да го блокира, за време на европскиот самит на 18 октомври, започнувањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.“, истакна во интервјуто за француските медиуми неговиот секретар за европски прашања. Претседателот  Макрон се зафатил со еден од столбовите на европската мисла – со буџетска строгост, приматот на пазарот и членството во ЕУ –односно прашањето на бескрајното проширување на Унијата. Со својот арогантен однос, Макрон навлече анимозитет на медиумите и лидерите. Така, претседателот во заминување на Европскиот совет  Полјакот Доналд Туск, на 13 ноември остро го критикува Емануел Макрон, обвинувајќи го за слабеење на Унијата: „Нема да има суверена Европа без стабилен Балкан интегриран со останатите…  и нема потреба да си историчар за да го разбереш тоа..“

Последен што се осмели да ја доведе во прашање политиката на проширување беше Хуберт Ведрин, поранешен француски МНР. Во 1998 година, во Јорк, тој ги прашал своите четиринаесет колеги дали темпото не треба да се забави, бидејќи Унијата не е институционално подготвена да го поддржи блок-членството на десет земји од Централна Европа. Реакцијата била едногласна и насилна. Европските партнери, особено германските и британските, го обвиниле за недостиг на солидарност, за себичност, за одбивање да се исплати историски долг и слично. На заминување, Ведрин им се доверил на неколку новинари: „Ризикував и нема да го повторам тоа“. Всушност, од тој датум, проширувањето стана нова теологија. Сепак, ниту еден од проблемите што ги наметна преминот од 15 на 28 земји-членки  не е решен.

Како што објасни Емануел Макрон, „зошто нешто што едвај функционира со 28 би фунционирало со 30 членки? Со овој настап, Макрон ја става Германија, еден од најжестоките бранители на проширувањето, пред историска  одговорност. Макрон порача дека Берлин настојува да го намали  буџетот на ЕУ а истовремено се спротивставува на какви било институционални реформи. Во „нон-пејпер“ – овие неофицијални работни документи кои служат како основа за преговори – испратен  една недела пред Самитот во Брисел, се прецизира дека  администрацијата на Макрон не настојувала  да го блокира проширувањето , туку да се избори за реформа на процесот пред да даде зелено светло за Албанија и Македонија.

Кога Северна Македонија ќе го отвори првото „шампањско“?

Од Комисијата се очекуваше брзо да ја разработи новата методологија, но двете клучни држави врз кои ќе се применува (Албанија и С.Македонија) две години подоцна сеуште очекуваат датум за преговори. Новиот комесар за проширување, Унгарецот Оливер Вархеjи, во секој случај, работел на оваа тема и остварил средба со тогашниот премиер на Франција Едуар Филип  и државната секретарка за европски прашања, Амели од Моншалин. Набргу по овие процеси се манифестираа ирационалните барања на Бугарија, а како што истакнува поранешниот МНР Н.Димитров, „Вархеји воопшто не се трудел да го олесни проблемот туку напротив го мултиплицирал и усложнувал со неразумни предлози“. За француските дипломати новата методологиоја означувала поедноставивање на процедурата и појасни визии и за државата-аспирант и за ЕУ.  „Денес земја која влегува во пристапен процес го отвора шампањот кога преговорите почнуваат а второто шише кога завршуваат, значи многу години подоцна“, дијагностицира еден француски дипломат. Во меѓувреме, засегнатата земја, всушност, останува надвор од Европа, што може да доведе, како во Србија денес, до незадоволство на засегнатите граѓани во однос на самата идеја за Европа. „Би било подобро да се развие процес за постепено „аклиматизирање“ на овие земји, за промовирање на нивната конвергенција со правилата на Унијата“, коментира француски експерт за ова прашање.

Макрон за продлабочување – Меркел за проширување

Дебатата меѓу продлабочување и проширување не се одржа. Поддржувачите на „проширувањето“ се повикаа на „историскиот долг“ или „одговорноста“ на Унијата кон стабилизацијата на Стариот континент и Западен Балкан со цел да ги замолчат дисонантните тонови. За време на проширувањата во 2004, 2007 и 2013 година, бројот на членките се зголеми од 15 на 28. „Пред секое ефективно проширување, ние мораме да знаеме како да се реформираме“. Тој ги запрашал лидерите на ЕУ „Дали и натаму предност да се придава на продлабочување на нашите односи во унијата или на проширувањето“ Сметам дека се неопходни реформи но и време“. Во својата инаугурација како водечки лидер на ЕУ, Макрон,  потсетил на големината на Комисијата, составена од еден комесар по земја. Се заложил за намалување на бројот на комесари како што е предвидено со Лисабонскиот договор од 2007. Меѓутоа таквиот предлог бил замрзнат. Затоа, Емануел Макрон решил  да  стави крај на традиционалните резерви на француската дипломатија со блокирање на секое натамошно проширување. На почетокот неговит идеи ги поддржале само  Данска и Холандија, додека  половина од шефовите на држави и влади биле повеќе од резервирани кон Албанија. Со ставовите на Макрон не се согласувала Ангела Меркел. „Освен  емоциите,  Меркел покажала дека нема многу аргументи да му се спротивстави, констатира бриселскиот коресподент на АФП, Жан Катрмер. „ Германија,  не се грижи за конзистентноста, ја предводи коалицијата која настојува да го намали износот на повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година. „Истите луѓе кои повикуваа дека  „мора да се прошириме“ се оние што настојуваат смалување на  буџетот од 1% JDP на дваесет и седумте. Но, кога приготвувате  поголема торта, треба да потрошите  повеќе путер. Доколку штедите на путер да не се чудите ако на крајот  вашиот колач  добие вкус на тост“, кисело забележал Макрон.

Макрон еволуира во однос на проширувањето

Откако излезе како победник во натегањето околу проширувањето со гераманската канцеларка во заминување Меркел, Макрон ја разви  тезата за „новата методологија“ на прошпирувањето.  Конкретно, би сакал преговорите повеќе да не се одвиваат по „поглавје“, туку со „кохерентен блок на политики“ со цел да му се овозможи на кандидатот да учествува во секторските политики и ад хок финансирањето, вклучително и структурните фондови: на тој начин, постепено би се интегрирал во функционирањето на Унијата со цел да се тестира неговата способност да ги преземе своите обврски. Париз, исто така, акцентира дека процесот треба  да е реверзибилен доколку аспирантот не ги почитува обврските.

Дали Макрон се подготвуваше да влезе во мантијата  на Мартин Лутер ?

Веќе во следната 2020 кога претседателството со ЕУ го презеде Хрватска,  Макрон, се покажа  поконструктивен кон проширувањето. „Се надеваме на позитивен извештај од комисијата за двете земји“, рече на конференцијата за безбедност во Минхен. „Во зависност од извештајот (…) и  позитивните резултати..ќе можеме да ги отвориме преговорите“. Патем, истакна дека блокадата не била чисто француска творба. „ Кога има несогласувања меѓу нас, многу немаа храброст и се  криеа зад Франција, но можам да ви кажам дека неколку држави беа против отворање на преговорите со Македонија и Албанија“. Темата е блокирана веќе неколку недели, што предизвикува иритација и кај двете засегнати балкански земји, но и иритација на европските партнери на Франција, како што е Германија.

Со новата методологија Париз ја ревидира процедурата за членство пред да се преговара со Северна Македонија и Албанија. Откако во октомври 2019 година го блокираше отворањето на преговорите Франција сега изгледа подготвена да ја преиспита својата позиција. Шарл Мишел, претседателот на Советот на ЕУ, тоа го потврдил  на 9 јануари, во Хрватска, земја која претседаваше со Унијата од 1 јануари. „Ако најдеме договор за модернизација на процесот на проширување, верувам дека е можно да се продолжи онаму каде што застана“, порача Мишел. Воедно и Макрон го информирал премиерот на Хрватска  Андреј Пленковиќ, дека Франција била подготвена да еволуира согласно новиот метод на преговарање. Макрон кажал  „За нас тоа е предуслов и многу земји членки на Европската Унија го делат нашето мислење.“ „Посакување претседавањето на Загреб да биде успешно“, порачал Макрон по  состанокот со премиерот Пленковиќ во Париз. На тој начин уште еднаш се испратија позитивни сигнали кон Балканот  за исцртување на „перспективите за членство“.

Дали Макрон ќе остане доследен европеист?

Со оглед дека сите негови претходници го подржувале процесот на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, ова се наметнува како логично прашање.  До крајот на француското претседавање, сликата околу проширувањето ќе се изостри. Јасно му е дека, сеуште може да одолговлекува со датумите на Албанија и С.Македонија и нема да прифати нивно издвојување. Во овие кризни геополитички времиња, свесен е и на влогот на Западен Балкан кој може да дегенерира под влијание на неевропските сили, но и на личната одговорност од француското „Не“ во 2019. Воедно Макрон е  свесен  дека бугарската „романтична приказна“ е сериозно нарушување на европските стандарди, која може да создаде сериозни безбедносни последици за регионот. Затоа овој Макрон бр.2 ќе треба да го облече оделото на некој од татковците на европската идеја и сериозно да се зафати со проширувањето на ЕУ. Секако доколку не се случи нешто непредвидено со Украина.

Авторот е универзитетски професор