Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди егејскиот брег на Грција, соопшти американскиот Геолошки завод. Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека во селото Вриса, на островот Лезбос, има најмалку десет повредени лица во урнатините од старите куќи.
„Десетици домови се урнати и селските патишта се блокирани. Се обидуваме да ослободиме жена која е заробена во урнатините“, изјави за ЕРТ надзорникот на регионалната противпожарна служба, Мариос Апостолидес.
Епицентарот на земјотресот, што се случи во 15.28 часот по локално време, беше на 11 километри јужно од селото Пломари, на јужниот грчки остров Лезбос, на длабочина од седум километри. Со оглед на тоа дека епицентарот бил меѓу Лезбос и турскиот град Карабурун, во округот Измир, потресот бил почувствуван во повеќе турски градови, меѓу кои и во Истанбул, Измир и Чанакале и предизвикал голема паника меѓу населението. Турските медиуми јавуваат дека досега се регистрирани 33 вторични потреси.
Британските медиуми, повикувајќи се на наводи на Евромедитеранскиот сеизмолошки центар, соопштуваат дека во текот на ударот во Грција се треселе згради и додава дека земјотресот се почувствувал и на острвите Самос и Хиос, како и во Атина и на полуостровот Атика.




