Во пресрет на утрешниот Ден на македонскиот јазик, 5 мај на кој од 2019 година се чествува прогласувањето на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик, поразговаравме со проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ‒ Скопје УКИМ, со цел како медиум да дадеме прилог во согледување на нештата поврзани со употребата и грижата за македонскиот јазик и што како граѓани, работници и како институции правиме или не правиме доволно за негова афирмација.

 

Нова: Професорке ГруевскаМаџоска најнапред да Ви го честитаме Денот на македонскиот јазик,  а потоа и да Ве прашаме за оценка колку го познаваме и колку точно го користиме македонскиот јазик

– Нека ни е честит празникот на сите што го сакаме македонскиот јазик, а доколку го сакаме, и ќе го употребуваме правилно. Љубовта кон мајчиниот јазик се создава со учењето на првите зборови и со учењето на азбуката, а се надградува со читање. Затоа треба да се обрне особено внимание на тоа како им се обраќаме на децата и каква литература читаат. Она што за мене е поразително е што сè повеќе слушам деца кога си играат меѓу себе како зборуваат на англиски јазик, а и родителите исто така им зборуваат на англиски. Убаво е да се знаат што повеќе јазици, но не да се дојде во ситуација подобро да се познава странскиот јазик отколку мајчиниот, а вакви случаи има сè повеќе.

Нова: Сметате ли дека има институционално потфрлање, кога е во прашање грижата за правилната употреба на македонскиот јазик или сè поголемото навлегување на странцизмите си го направи своето?

– Секако дека има институционално потфрлање.Во последните години, па и децении, сè помала е грижата за македонскиот јазик од страна на државните институции, пред сè Владата, Министерството за образование и наука и Министерството за култура. Во 2015 година излезе нов и проширен Правопис на македонскиот јазик, кој е достапен и електронски, но, за жал, изгледа ретко се отвора. За изработката и за печатењето на Правописот конкуриравме како за секоја друга книга на конкурсот на Министерството за култура со тираж од 500 примероци. Се разбира дека тоа е недоволно. Државата, односно Владата и Министерството за образование и наука се тие коишто требаше вистински да го поддржат Правописот и да обезбедат примероци за сите училишта и библиотеки, но тоа не се случи. Меѓу другото, затоа имаме и веб-страници полни со грешки, табли со имиња на институции напишани погрешно, табли со патокази напишани погрешно ‒ до бескрај. Се изморивме од постојано укажување за негрижата за македонскиот јазик и никој не презема ништо, иако на политичарите им се полни устите со „грижа“ за македонскиот јазик.Би рекла дека треба помалку прослави и празници, а повеќе државна стратегија.

Нова: Дали сте информирани дали институциите ја почитуваат обврската за имање лектор и според вас кој најмногу му наштетува на јазикот со негова погрешна употреба? 

– Ретки се институциите што имаат вработени лектори и ретки се и оние што ангажираат лектори пред да објават што и да е, иако според оној веќе толку надминат Закон за употребата на македонскиот јазик од 1998 година тоа е задолжително. Но, македонскиот јазик, за жал, не е заштитен како албанскиот, за кој има закон според кој се предвидени огромни казни, посебна агенција, инспекторат итн.

Најголемо влијание врз македонскиот јазик имаат медиумите и политичарите, бидејќи нив ги слушаме и ги читаме секојдневно. Исто така, лошите преводи и лошите лектури (ако се направени) во издавачката дејност наместо да го подигаат нивото на познавање на македонскиот јазик, го спуштаат. И образованието, секако, има големо влијание врз познавањето на македонскиот јазик, зашто ако се слуша правилен македонски јазик само на часот по македонски јазик, а на другите часови не, тешко ќе биде да очекуваме дека учениците ќе го научат стандардниот македонски јазик. Имаше предлог македонскиот јазик да се изучува на сите факултети, што сметам дека е добра идеја.

Нова: Колкав е интересот за изучување на македонскиот јазик меѓу младите? Создавате ли генерации кои ќе ве наследат во едукативно-образовната мисија?

– Голем интерес нема, зашто нема иднина со таквите студии во моментов. Отворањето повеќе универзитети, а со тоа и катедри за македонски јазик придонесе да се намали бројот на студенти на УКИМ, што е и очекувано. Доколку се почитува законот и се вработуваат повеќе лектори, секако дека и бројот на студенти би се зголемил, зашто ќе имаат повеќе можности за вработување.

Во Институтот за македонски јазик има, би рекла, солиден интерес за понатамошно проучување на македонскиот јазик на постдипломските студии по македонистика и комуникологија, како и на докторските студии. Тука би требало државните институции, пред сè Министерството за образование и наука, да покажат стратегиски интерес и да ги стипендираат студентите за изучување на македонскиот јазик и за нивно вработување во Институтот.

Нова: Во какви услови работите во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при УКИМ, ви недостасува ли нешто за да бидете уште поуспешни и поатрактивни со што  би привлекле и повеќе млади луѓе на студиите?

 – Во Институтот за македонски јазик немаме подмладок и тоа е она што најмногу недостасува. Тоа е резултат и на недоволниот ангажман на раководните лица и на Министерството за образование и наука. Ако се продолжи вака, за една деценија ќе мора да се стави клуч на вратата на Институтот, зашто сите ќе отидеме во пензија. За да се привлечат млади луѓе треба да им да понуди иднина, да се вработат, да имаат пристојна плата и средства за истражување. Сега тоа го нема.

 Нова: Професорке ГруевскаМаџоска има ли заинтересирани странци што го изучуваат македонскиот јазик и доколку има што велат за тоа колку е тешко да се научи истиот?

– Интерес има, но интерес треба и да се предизвика. Доколку се понудат интересни содржини за македонскиот јазик, литература, историја, фолклор и, воопшто, култура, ќе создаваме македонски културни амбасадори низ светот, а имаме што да понудиме. Но, повторно, за тоа треба и финансиски средства.

Нова: Колку лекторати на македонски јазик имаме во светот? Нивниот придонес за афирмацијата на нашиот мајчин јазик е сигурно од огромно значење.

– Бројот на лекторати сè повеќе се намалува. Еден по еден се затвораат зашто државата ни за тоа нема стратегија. Веќе со децении, лекторите кои одат да предаваат се толку слабо платени што не можат ни да преживеат доколку не добиваат средства од друго место (на пр., од тамошните универзитети), така што интересот е сè помал, иако во сегашната ситуација афирмацијата на македонскиот јазик е од непроценлива важност.

Нова: Дали има научни проекти на кои во моментов се работи, а кои се поврзани со натамошно истражување на македонскиот јазик? 

– Од 2010 година не се финансираат научноистражувачки проекти во националните институти, што е наша основна дејност. Минатата година имаше некаков чуден конкурс од Министерството за образование и наука на кој сите национални институти конкурираа со по два проекта, а добија по еден, но сè уште не се добиени финансии, колку што ми е познато. Постапката беше целосно нетранспарентна. Што ќе се случи со долгогодишните проекти на Институтот, за чие завршување се потребни многу години, не знам. Сега сè се сведува на ентузијастичка или индивидуална работа. Нема средства за нова научна литература, нема пристап до електронски библиотеки, нема средства за учества на конференции или се минимални, така што рангирањето на македонските универзитети е токму таму каде што и треба да биде, според тоа колку се грижи државата ‒ на дното.

М.Трпческа