Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски вели дека одлуката за одржување предвремени парламентарни избори во април следната година, ќе го одложи спроведувањето на пописот, кој првично беше планиран од 1 до 21 април.
-И ние бевме затекнати од новонастанатата ситуација, иако бевме подготвени да го почнеме пописот во пролет 2020 година. Меѓутоа поради изборите, сега ќе треба да го одложиме. Најубаво ќе биде да се одржи во есен или во пролет. Летниот период поголемиот дел од граѓаните се на годишни одмори, а зимно време одредени делови од земјата се недостапни, вели Симовски.
Според него, терминот на пописот треба да го утврдат пратениците преку донесување на закон, по консултации со ДЗС и тие можат да предложат термин.
-Ние би сакале пописот час поскоро да се спроведе во услови кои одговараат за спроведување на пописот, но не прејудицираме бидејќи тоа е одлука на друг. Ние инсистираме законот да биде донесен скоро. Ние може да предложиме термин и најпогодно време, според нас, е пролет или есен, истакна Симовски.
ВМРО ДПМНЕ бараше попис во 20121 година, откако во 2011 го прекина
Во јули годинава, ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе бара пописот да биде одложен за 20121 година за како што велат, да има доволно време за подготовки. Од опозицијата бараат да се допрецизираат повеќе аспекти во Предлог законот, а тој беше дел и од лидерските средби на Заев и Мицкоски.
Во однос на барањата на опозицијата, Симовски денеска рече дека тие биле неприфатливи зошто барале пописот да не го спроведува заводот за статистика, туку Државна пописна комисија, како и да не се користи технологијата што ни е на располагање.
– Опозицијата поднесе вкупно 23 барања од кои најголем дел беа во суштина неприфатливи зошто водеа кон спроведување на попис идентичен како тој во 2011 година, што не успеа, изјави Симовски.
Последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во земјава беше спроведен во 2002 година. Во 2011 година почнатиот попис беше прекинат со одлука на тогашната Влада на ВМРО ДПМНЕ, кои тврдеа дека тоа е во интерес на државата и на меѓуетничките односи, додека тогашната опозиција на чело со СДСМ бараше одговорност за прекинувањето на оваа најобемна статистичка операција.
СЈО отвори истрага „Попис“ против Груевски и Ахмети
За прекинатиот попис, СЈО во март 2018 година покрена истрага под име „Попис“, во која осомничени се поранешниот претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и актуелниот лидер на ДУИ Али Ахмети – според прислушуваните разговори постојат основано сомневање тие во октомври 2011 ја злоупотребиле службената положба и овластување за да го прекинат започнатиот попис.
-Осомничените во половина од октомври се договориле да го стопираат процесот, бидејќи сметале дека пописот ќе им нанесе штета на партиските рејтинзи , но за да избегнат одговорност одлучиле образложението за прекинување на пописот преку медиумите да го презентираат како последица од техничка природа и наводна некадарност на пописната комисија да ја спроведе постапката. Парите предвидени за пописот, соомничените одлучиле да ги фрлат во вода со што го оштетиле буџетот за над 175 милиони денари, рече тогаш обвинителката Фатиме Фетаи.
Минатата недела почна да функционира Регистарот на население кој не е замена за пописот, но би бил помошна алатка за претстојниот попис на населението, а ќе ја олесни и подготовката на Избирачкиот список
Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година.





