Делегацијата на сириската опозиција на мировните преговори во Женева се сретна денеска прв пат со специјалниот претставник на Обединетите нации Стефан де Мистура и нагласи дека ќе ги напушти преговорите, доколку не се подобри хуманитарната ситуација во земјата.
Координаторот на делегацијата Ријад Хиџаб изјави дека без притисок од Обединетите нации и меѓународната заедница, кои треба да ја принудат сириската Влада да го прекине бомбардирањето врз регионите, контролирани од бунтовниците и да дозволи доставување хуманитарна помош за блокираните региони, останувањето на делегацијата на опозицијата, поддржана од Саудиска Арабија во Женева нема да биде оправдано.
Делегацијата, која го претставува опозицискиот Висок комитет за преговори, инсистира на стопирање на нападите врз регионите со цивилно население, ослободување на уапсените и укинување на блокадите. Тие мерки се споменати во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, усвоена минатиот месец, со која се даде зелено светло за мировниот процес во Сирија.
Претставникот на ОН за Сирија, Стефан де Мистура е оптимист дека постои цврста намера да биде постигнат напредок во женевските преговори за решавање на конфликтот во Сирија.




