Сирискиот амбасадор во ОН ја обвини Турција дека ја поддржува Исламската држава и дека сака да ја оживее Отоманската империја.
Во изјавата до генералниот секретар на ОН, Башар ел Џафари наведува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има за цел да ја оживее Отоманската империја и затоа бара од ОН, како што вели, да ги „запрат злоупотребите и злосторствата“ од Анкара.
– Турското мешање во внатрешните работи на Сирија има разни облици во текот на кризата, вклучувајќи и директен ангажман на режимот на Ердоган и на турските вооружени сили во воените офанзиви кои ги поддржуваат терористите, наведува Џафари.
Според него, соборувањето на рускиот борбен авион е уште еден пример дека Ердоган се обидува да го зголеми ангажманот на неговиот режим во криумчарење на украдената сириска нафта од страна на Исламската држава.




