Депресијата кај граѓаните за дури 40 отсто повеќе е причина за зголемен број на самоубиства, во период од последните пет години. Граѓаните се разочарани од сиромаштијата и невработеноста и стануваат се подепресивна нација.

„Тонеме во хроничен стрес, а тој влијае на нашиот мозок, а влијаат и надворешните стресогени фактори, работните односи и начинот како успеваме да издвоиме време за задоволство“, изјави невропсихијатарот Антони Новотни.

Во борбата против депресијата потребно е да се врати приоритетот за менталното здравје во буџетот на министерството за здравство вели Новотни. Според податоците кои беа презентирани во Институтот за јавно здравје, секој петти човек развива  симптоми на депресија, а дури 75 отсто од лицата не се лекуваат поради страв од јавна осуда.

„Повеќе од 80 проценти од лицата кои живеат со депресија се во земјите со нисок и среден животен стандард. Слична е состојбата во Македонија“, рече Шабан Мемети директор на Институт за јавно здравје.

Од таму потенцираат дека државната каса нема доволно средства за третирање на психолошките проблеми.  Од Институтот за јавно здравје порачуваат повеќе да се зборува за овој општествен проблем и граѓаните да се охрабрат да побраат стручна помош.