Главниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп во истрагата за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, Џон Дауд на 22 март поднесе оставка.

Како што објави весникот „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на извори од тимот на Дауд, тој решил да се повлече откако заклучил дека Трамп „се повеќе ги занемарува неговите совети“.

Дауд раководеше со адвокатскиот тим од минатото лето, кога од таа позиција се повлече долгогодишниот личен адвокат на Трамп, Марк Касовиц.

По повеќе од една година во Белата куќа, Доналд Трамп остана без повеќе од десетина значајни членови на неговата администрација, кои беа со него уште во кампањата. Кои се „луѓето на претседателот“ кои си заминаа или беа брутално разрешувани преку социјалните мрежи лично до Трамп. Некои од нив отворено се судрија со Трамп поради неговата политика.

Рекс Тилерсон

На функцијата државен секретар дојде на 1 февруари 2017 година, а си замина на 13 март 2018 година, по 406 дена на оваа функција.

 Рекс Тилерсон е вториот секретар кој го напушти Кабинетот на Трамп откако претседателот на Твитер објави дека е заменет со директорот на ЦИА, Мајк Помпео.

Тилерсон и Трамп имаа неколку судири во текот на соработката. Еден од нив, во јавноста беше пласиран во октомври, при што на Тилерсон му се припишуваше изјава дека го нарекол претседателот “морон”.

-Ние многу добро го менаџиравме нашиот однос, иако не се согласувавме за многу работи, изјави Трамп веднаш по објавувањето на неговата одлука на Твитер за смената на Тилерсон. Тој посебно го истакна несогласувањето околу договорот за нуклеарното оружје на Иран.

Џон Мекенти

Тој беше личен помошник на Трамп. На оваа позиција дојде на 20 јануари 2017 година, а си замина на 12 март 2018 година, по само 417 дена работа.

Според извори во Белата куќа, проблемот со Џон Мекенти бил во врска со неговото минато, односно по заминувањето на стариот шеф на кабиент на Трамп Роб Портер, неговиот наследник Џон кели наредил проверка на Мекенти. Проверките од безбедносен карактер оделе дотаму што се размислувало дали тој да биде комплетно избркан од администрацијата или да биде прераспореден на друга позиција.

Мекенти му беше помошник на Трамп во кампањата и така го заслужи местото во Белата куќа.

Гери Кон

Како директор на Националниот економски совет и главен економски советник на претседателот тој стапува на функцијата од првиот ден на администрацијата на Трамп – 20 јануари 2017 година. Си замина на 6 март 2018 година, по 411 ден во Белата куќа.

Кон ја објави својата оставка по дебатата во Белата куќа за даноците што Трамп ги предложи за увоз на алуминиум и челик, на кои Кон наводно се противел.

Трамп објави соопштение во кое го потврди заминувањето на Кон, нарекувајќи го “редок талент” кој “направи одлична работа во спроведувањето на агендата, помагајќи да се обезбедат историски даночни намалувања и реформи, со што американската економија повторно да се ослободи”.

Но, Кон никогаш експлицитно не кажа зошто заминува. Во изјавата само кажа дека било “чест да и служи на својата земја” и му се заблагодаруви на Трамп “за оваа можност”.

Хоуп Хикс

Нејзината највисока позиција во администрацијата беше директор за комуникации, на која стапи на 20 јануари 2017 година, а нејзината оставка беше објавена на 28 февруари 2018 година, по 405 дена на функцијата.

Нејзината одлука дојде на денот кога та асведочеше пред Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, каде таа обелоденила дека повремено кажува „бели лаги“ во корист на Трамп.

Секретарот за печат во Белата куќа, Сара Сандерс, рече дека нејзината одлука да поднесе оставка не е поврзана со сведочењето, велејќи дека тоа е “нешто што таа размислува некое време”.

По објавувањето на веста, Трамп рече дека “ќе му недостасува”.

Роб Портер

Тој беше шеф на Кабинет на Трамп од првиот ден во Белата куќа. Си замина на 7 февруари 2018 година, по поминати 384 дена. Портер поднесе оставка поради повеќе обвинувања за семејно насилство од две поранешни сопруги, иако ги негираше обвинувањата.

Омароса Маниголт-Њуман

Таа беше првиот директор за комуникации во Канцеларијата за односи со јавност. Си поднесе оставка на 13 декември 2017 година, но остана вработена во Белата куќа до 20 јануари 2018 година.

Интересно е што Маниголт Њуман учествуваше во реалното шоу „Апрентис“ на Трамп и три пати го слушна познатото “отпуштена си“. Овој пат Трамп рече дека Маниголт-Њуман си поднела оставка, негирајќи ги извештаите дека била отпуштена и морала да си замине од Белата куќа.

Во официјалното соопштение стоеше дека таа си поднела оставка за да преземе за да замине на друга должност.

Маниголт-Њуман за нејзиното заминување зборуваше и на утринската програма “Добро утро Америка” следниот ден, велејќи дека си дала оставка по долгите дискусии за загриженоста што ја имала за прашања што ги покренала. „Како резултат на тоа, дадов оставка, рече Маниголт Њуман.

Дина Пауел

Пауел беше заменик -советник за национална безбедност од 20 јануари 2017 година, до 8 декември 2017 година, кога беше објавено нејзиното заминување, но таа продолжи да работи во Белата куќа до 12 јануари 2018 година.

Пауел беше клучен играч во политиката на администрацијата за Блискиот Исток. Секретарот за печат во Белата куќа, Сандерс, објави соопштение во кое ја нарече Пауел “клучен, доверлив советник”, додека советникот за национална безбедност Х.Р.Мекмастер, изјави дека “таа е една од најталентираните и најефикасните лидери со кои некогаш сум работел”.

Асошиетед прес во средината на февруари објави дека Пауел ќе предава на семинари и студиски групи како претстваник на Универзитетот Харвард. На 27 февруари, CNBC го објави соопштението на Голдман Сакс според кое таа ќе се врати во банката.

Том Прајс

На функцијата секретар за здравство и социјални услуги, Прајс стапи на 10 февруари 2017 година, а си замина на 29 септември 2017 година, по 232 дена на функцијата.

Прајс поднесе оставка по аферата дека користел приватни авиони за државни патувања. Поранешниот конгресмен и хирург ортопед имал дур 26 чартер летови за време  на неговиот краток мандат, за што потрошил околу 1 милион долари од парите на даночните обврзници, за домашни летови и за воените летови до Африка, Азија и Европа.

-Четириесет години поминав како лекар и државен службеник каде луѓето ми беа на прво место, напиша Прајс во неговата оставка. “Жалам што неодамнешните настани содзадоа слика дека сум отстапил од овие важни цели”.

Тој беше првиот секретар од Кабинетот кој ја напушти функцијата.

Себастијан Горка

Како заменик-помошник на претседателот, Горка дојде во Белата куќа на 30 јануари 2017 година, а си замина на 25 август 2017 година, по 208 дена.

Горка беше заменик-советник фокусиран на националната безбедност и антитероризам, кој работел како платен политички консултант за кампањата на Трамп.

Веб-списанието „Федералист’ ја објави оставката на Горка. “Во врска со неодамнешните настани, станува јасно дека силите кои не го поддржуваат ветувањето „Да ја направиме Америка повторно величествена“ семногу малку во Белата куќа. Како резултат на тоа, најдобриот и најефикасниот начин на кој можам да ви помогнам, господине Претседател, е надвор од Белата куќа”, напиша Горка во оставката. Но Белата куќа го оспори тврдењето дека Горка поднел оставка. Наместо тоа беше соопштено дека тој повеќе не работи таму.

Горка потоа с еврати во Бреитбарт Њуз, радикално десничарскиот веб сајт.

Стив Бенон

Бенон  беше главен стратег и виш советник, уште од 13 ноември 2016 година, иако со работа започна на 20 јануари 2017 година. Си замина на 18 август 2017 година, по 211 дена во Белата куќа.

По ангажманот како извршен директор на кампањата на Трамп од август 2016 година, Бенон беше назначен на функција во Белата куќа. Изјавата на Трамп дека Бенон ќе биде негов главен стратег веднаш наиде на критики.

Критичарите се спротивставија на националистичките ставови на Бенон, посебно поради неговата претходна позиција како уредник на веб-страницата Бреитбарт Њуз. Според висок претставник на Белата куќа, отказот за Бенон се случил како кулминација на незадоволството на Трамп од Бенон.

Ентони Скарамучи

Скарамучи е човекот кој накусо остана на една функција – директор за комуникации во Белата куќа, само 6 дена. Започна со работа на 26 јули 2017 година, а си замина 31 јули 2017 година.

Веднаш по именувањето Сракамучи даде неколку навредливи и вулгарни изјави за сметка на високи американски функционери.

Скарамучи и во минатото имал непријатни изјави и на сметка на Трамп и поранешниот генерален секретар на Белата куќа Рајнс Прибус.

Рајнс Прибус

Тој беше шеф на кабинетот на Белата куќа од 20 јануари 2017 година, се до 28 јули 2017 година.

И за него како во случајот со Тилерсон, Трамп на Твитер објави дека го заменува Прибус, со секретарот за внатрешна безбедност, Џон Кели. Според високи претставници на Белата куќа, Трамп му кажал на Прибус дека сакал да направи промена, две недели пред да биде отпуштен.

И покрај тоа што е надвор од Белата куќа, Прибус за Фокс Њуз изјави дека секогаш ќе биде дел од “Тимот Трамп”.

-Секогаш ќе бидам таму,  ќе се обидам да му помогнам на претседателот, да ги оствари своите цели и да го поддржам како пријател, изјави Прибус.

Шон Спајсер

За прес секретар во Белата куќа беше назначен на 20 јануари 2017 година, а си замина на 21 јули 2017 година.

Спајсер официјално ја презеде функцијата на денот на заклетвата на Трамп како претседател. Но, Спајсер беше именуван за прес-секретар уште на 22 декември 2016 година, за време на предавањето на должноста. Неколку часа откако Ентони Скарамучи беше донесен во тимот како директор за комуникации, Спајсер поднесе оставка. Спајсер за Еј-Би-Си Њуз изјави дека се чувствува “ослободен” и дека на комуникацискиот тим во Белата куќа му требал “нов почеток”. Иако повеќе не е секретар за печат, Спајсер се уште работи во канцеларијата за комуникации.

Мајк Дубке

Тој беше директор за комуникации во Белата куќа од 6 март 2017 година до 18 мај 2017 година, со само 74 дена на функцијата.

На работата на Дубке наводно немало никаква забелешка, но она што било причина за оставката, според извори од внатре, било тоа што тој не успеал да воспостави соработка со оние кои биле со Трамп уште од кампањата. Дубке се врати на својата претходна работа во фирмата за стратешки комуникации и јавни работи,Black Rock Group каде е ко-основач.

Џејмс Коми

За директор на ФБИ беше поставен на 21 јуни 2013 година, иако со работа започнал на 4 септември 2013 година. Си замина на 9 мај 2017 година, откако беше отпуштен од Трамп.

Белата куќа првично рече дека постапувале по одлука на јавниот обвинител Џеф Сешн и заменик-јавниот обвинител Род Розенштајн, кои го критикуваа раководењето на Коми со истрагата за електорнските пораки на Хилари Клинтон за време на кампањата за претседателските избори. Но Трамп подоцна потврдил дека  одлуката за смена на Коми е негова.

На почетокот на август, Flatiron Books објави договор со Коми за објавување негова книга оваа пролет.

Мајк Флин

Флин беше советник за национална безбедност, кој започна со работа на 20 јануари 2017 година, а си замина на 13 февруари 2017 година, по само 25 дена. Тој беше првиот што го напушти Трамп од доаѓањето во Белата куќа.

Флин, беше дел од кампањата на Трамп уште од 2016 година за што беше награден со функцијата советник за национална безбедност кратко време по изборите. Но тоа траеше малку повеќе од три недели, пред да биде принуден да поднесе оставка откако беше откриено дека го лажел заменик-претседателот Мајк Пенс за содржината на повеќекратните средби со рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак пред инаугурацијата на Трамп.

Флин и неговите бизнис врски со Турција беа дел од истрагата на специјалниот советник Роберт Милер за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година и можните врски со кампањата Трамп.

Сали Јеитс

Јеитс беше вршител на должност јавен обвинител од 20 до 30 јануари 2017 година.

По речиси три децении кариера со Одделот за правда, Јеитс го презеде Обвинителството по оставката на јавниот обвинител од администрацијата на Барак Обама Лорета Линч.

Јеитс доби отказ откако отворено застанапротив  и им даде инструкции на адвокатите да не ја бранат одлуката на Трамп за влез на државјаните од седум претежно муслимански земји во САД.

-Додека сум јас вршител на должноста јавен обвинител, Министерството за правда нема да презентира аргументи во одбрана на извршната наредба, освен ако не бидам убедена дека е соодветно да го сторат тоа, напиша Јеитс во писмото до адвокатите. Таа беше отпуштена неколку часа по испраќањето на писмото. Во соопштението, Белата куќа рече дека Јеитс “го изневерила Министерството за правда”.

Откако го напушти Министерството за правда, Јеитс напишаа две колумни во “Вашингтон пост” и “Њујорк тајмс”, кои се критички за Трамп и јавниот обвинител Џеф Сешнс.

Освен овие функционери, за малку повеќе од една година Трамп го напуштија и вршители на други значајни функции во администрацијата како:

Стивен Голдстајн, потсекретар за јавна дипломатија и јавни работи

Џош Рафел, заменик директор за комуникации

Рик Диарборн, заменик-шеф на кабинет

Џорџ Сифакис, директор, Канцеларија за односи со јавност

Езра Коен-Ватник, виш директор за разузнавачки програми, Совет за национална безбедност

Мајкл Шорт,  виш помошник за медиуми

Валтер Шауб, директор во Канцеларијата на владината етика

Вивек Мурти

Ангела Рид

Кејти Волш,  заменик-шеф на Кабинетот

Прет Барара, обинитет за Јужната област на Њујорк