Олимписката шампионка Микаела Шифрин (21) продолжи да доминира во слаломските трки во Светскиот куп во алпско скијање. Американката попладнево забележа победа во Леви во воведниот натпревар од новата сезона, деветта во серија, вкупно 20 во кариерата. Таа оствари време од 56,09 секунди во првото возење и 56,62 во второто и со збирни 1:51,71 минути се искачи на највисокото место на подиумот во финскиот зимски центар.
Второто место со заостанување од 0,67 секунди го освои Венди Холденер од Швајцарија, трета беше Петра Влхова од Словачка (+0,75 секунди).
Шифрин го освојуваше Кристалниот глобус во Светскиот куп во 2013 година, во 2014 година, во 2015 година. Лани не успеа да го одбрани тронот во дисциплината поради повреда. Поголема победничка низа од неа во слалом има само Јаница Костелиќ кој во периодот декември 1999 – јануари 2001 година нанижа 10 триумфи.
За утре во Леви е закажан слалом во машка конкуренција, а наредна станица во распоредот кај жените е Килингтон, САД, каде на 27 ноември ќе се вози велеслалом.