Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека на денеска непознато лице извршило напад врз објектот на Бугарската амбасада во Скопје, оценувајќи го настанот како недозволиво посегнување врз дипломатска мисија и сериозно прекршување на Виенската конвенција за дипломатски односи, пренесува агенцијата БГНЕС.
Тие не посочуваат за каков напад станува збор, а амкедонските медиуми објавија дека било пукнато стакло на влезната врата. Според бугарскот амбасадор, камерите регистрирале како лице се доближило и потоа го пукнало стаклото.
Во реакцијата се наведува дека станува збор за напад врз објект кој, како што посочуваат од Софија, претставува симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија. Бугарското МНР изрази длабока загриженост дека ваквиот инцидент е резултат на, како што наведуваат, недоволна и навремена реакција на надлежните институции во земјава при претходни случаи на вандализам и инциденти поврзани со објекти и лица кои Софија ги поврзува со бугарската заедница.
Во соопштението се истакнува дека институционалната неактивност, во комбинација со говор на омраза, според нив, создава атмосфера во која ваквите дејствија се повторуваат и ескалираат. Бугарската дипломатија побара од надлежните органи во Северна Македонија итно да преземат мерки за идентификување на сторителот, негово соодветно санкционирање и обезбедување целосна безбедност на дипломатските и конзуларните претставништва, нивниот персонал и имот.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија очекуваат јасно и недвосмислено дистанцирање на институциите во Македонија од сите форми на омраза, поефикасна борба против ваквите инциденти и доследно почитување на меѓународните обврски. Воедно, најавуваат дека внимателно ќе го следат развојот на случајот и дека го задржуваат правото на дополнителни дипломатски чекори во заштита на, како што наведуваат, бугарските интереси. објави Скопје1.мк
Нападот е извршен денеска, околу 12.20 часот по локално време. Извршителот е забележан од безбедносните камери – како целно се приближува со тежок, остар предмет кон влезната врата на амбасадата, нанесува удари и се повлекува во друга насока. Станува збор за сепак зајакнато стакло, витрина на влезната врата. Тоа е двојно стакло, имаме едно пристојно ниво на безбедност. Успеал да го скрши само првото заштитно стакло и веројатно затоа нападот не продолжил, бидејќи видел дека потоа има уште заштитни системи, изјави за БНТ Желјазко Радуков, амбасадор на Бугарија во Република Северна Македонија, пренесува Трибуна.
На прашањето дали смета дека денешниот напад е резултат на говорот на омраза кој подолг период постои во РСМ кон Бугарија, тој одговори:
Не сум сигурен дали е резултат на последната ескалација, овој говор на омраза и манипулација со вистината, дипломатски кажано, по темата Бугарија продолжува веќе со децении. Ова дејствие го проширува кругот на потенцијалните извршители на вакви напади. Дали човекот се почувствувал охрабрен од овој говор во последните недели или пред нив – во случајов е безпредметно. Проблемот е што бројот на луѓе како него постојано се зголемува токму како резултат на овој целно создаван наратив.
Ако говорот на омраза го проширува кругот на потенцијалните извршители, тогаш оваа неказнивост на злосторствата против бугарската заедница или на злосторствата против објекти и фигури поврзани со Бугарија не дозволува создавање на превенција, напротив. Им покажува на потенцијалните извршители дека нема проблем со овој тип однесување и со овој тип злосторство. Ќе ве потсетам дека во последните години имаме посегнувања врз Бугари, имаме пукање, имаме напад со секира. Сите тие или не биле ефикасно истражени, соодветно не сме стигнале до судница, или казните биле толку мали што практично го обезмислуваат терминот превенција, а напротив – го охрабруваат овој тип посегнувања. И тоа е, секако, загрижувачко. Не толку за вработените во нашата амбасада, кои целосно свесно го направиле својот избор да дојдат и да работат за Бугарија тука, туку повеќе се грижам за членовите на бугарската заедница, кои ја немаат таа заштита со која се користиме ние, изјави Радуков.




