На 3 јуни во Белград во 2013 година се одржа првата заедничка владина седница на владите на Република Македонија и Република Србија. Македонија го врати гостопримството во февруари 2015 година кога Скопје беше домаќин на ваквата заедничка седница. Се чинеше дека односите помеѓу двата соседа не можат да бидат подобри.

„Србија има од кого да учи!“, рече во 2015 година српскиот премиер Александар Вучиќ и додаде дека Србија го пресликувала македонскиот модел за да привлече повеќе инвестиции. Дури ја пофали седницата во Скопје како многу поуспешна од онаа во Белград во 2013 година. Ако тогаш премиерот Вучиќ со својот колега Никола Груевски зборуваа за евроинтеграциски процеси, реформи и западни инвестиции, денеска претседателот Вучиќ зборуваше за непријателски делувања против Србија во Македонија веднаш по средбата со рускиот амбасадор во Белград на којашто претходно најави индустриски зони во Србија за привлекување руски странски инвестиции.

Груевски и Вучиќ, 2015 година по заедничката владина седница

По последните случувања се постави прашањето кога Македонија од партнер и добар сосед се претвори во земјата од којашто Србија ги повлекува своите дипломати. Хронолошки се чини дека проблемите во врската почнуваат со промените во власта во Македонија. По предвремените парламентарни избори во Македонија кои се одржаа во декември минатата година Александар Вучиќ од позиција на премиер се трудеше во своите јавни настапи да остави впечаток на воздржан политичар во поглед на внатрешната криза во Македонија. Но медиумите блиски до Вучиќ секојден водеа вистинска информативна војна поддржани од српското издание на руски „Спутник“.

Зоран Заев – премиерот кој не го сакаат ни Вучиќ, ниту Путин

(Дез)информациите се ширеа во српскиот медиумски спектар по порталите, потоа завршуваа пренесени на српските ТВ станици и весници кои важат за контролирани од естаблишментот на Вучиќ, а потоа истите беа преземани од руските државни медиуми. На крај, со уште посензационалистички наслови и верзии од оригиналите завршуваа пренесени во македонските медиуми како „Сител ТВ“, „Канал 5“, „Алфа“, МТВ, весниците на МПМ кои сега не се издаваат, порталите „Инфомакс“ „Курир“, „Република“, „Нетпрес“. Ширејќи ја паранојата дека Зоран Заев со западните партнери како САД и ЕУ сака да ја продаде Македонија на Албанците, суптилно сугерираа дека Македонија има и друг излез од кризата освен евроатланските интеграции. Тоа беше Русија.

Земјата којашто своето последно соопштение за Македонија го беше пратила во 2013 година и тоа за средба помеѓу две државнички делегации од навидум спореден карактер, одеднаш стана активна на Балканот и се бавеше ревносно со политичките околности во Македонија. Тоа беше Русија. Нивните изјави рефлектираа недвосмислена потврда на паранојата и лажните вести кои ги ширеа српските и македонски опскурни портали со нејасна сопственичка и уредувачка структура.

Ако Вучиќ ретерираше, Москва тоа не го правеше, туку таа даде отворена поддршка на Груевски. Но, сепак, во ликот на Александар Вучиќ можеше да се види путиновиот агент. Оваа пролет Вучиќ ја започна кампањата за претседател на Република Србија. Четири пред денот на изборите во Србија, Вучиќ отпатува на Русија на средба со Путин. Таа средба не беше ни малку безначајна ако се има во предвид фактот дека со својата кандидатура за претседател Александар Вучиќ целеше комплетно да ја консолидира својата моќ во земјата, нешто што претходно му успеа на Груевски. Уште позначајна беше неговата изјава дадена по средбата со Путин, а тоа е дека Путин му пренел дека не е задоволен со влада на СДСМ во Македонија.

„Најдолго се задржавме на регионот, севкупната ситуација, надворешните влијанија врз регионот, изјави Вучиќ, кој по разговорот со Путин и со рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, стекнал впечаток дека Москва не поддржува формирање влада предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Колку што западните сили ја поддржуваат владата на Зоран (Заев) и албанските партии, толку ми делува дека рускиот претседател не е на таа страна“, рече Вучиќ во интервју за телевизијата Пинк

Тензичната и провокаторска атмосфера во регионот илустрирана преку прекршување на моќта врз малата и нестабилна Македонија имаше и свое финале во настаните од 27 април кога во Собранието на РМ имаше линч врз лидерот на СДСМ Зоран Заев и пратениците од опозицијата. Вреди да се спомене дека Руското министерство за надворешни работи ден по изборите во Македонија отворено застана на страната на Груевски  велејќи дека Заев со помошта на САД и Сорос не смее да биде премиер, туку легитимен победник е Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Аферата „Живалевиќ“ – точка на пресврт

НОВАТВ заедно со Мрежата за известување за криминал и корупција (OCCRP) и британскиот весник „Гардијан“ објави истражувачка сторија поткрепена со документи кои што посочија на мешање од страна на Русија во Македонија со цел дестабилизација на регионот и спречување на евроатланските интеграции, особено НАТО. Сето тоа се правело преку српските разузнавачки служби, а вмешан беше и македонскиот пратеник од српско потекло Иван Стоилковиќ. Објавени беа и транскрипти помеѓу нивните разговори, а се сугерираше дека тие се задолжени за креирање на медиумската пропаганда која долеваше масло на огнот во веќе закрвената и поделена Македонија. За агентот на БИА Горан Живалевиќ се потврди дека бил присутен во Собранието во топлата која влезе внатре и спроведе линч. Постоеја и релевантни докази кои укажуваа на тоа дека овие луѓе биле следени од македонските служби и во времето на Сашо Мијалков како директор на УБК. Вмешан беше и новинарот и пратеник на Србија Мирослав Лазански. Паралелно течеше и голема пропагандна кампања насочена кон САД, ЕУ, медиумите, невладините организации и политичарите од опозицијата во Македонија. Таа беше спроведувана преку лоби активностите на ВМРО-ДПМНЕ, а силно поддржани од руските и српските националистички медиуми и пријатели на власта на Вучиќ.

Официјална Србија не одговори ништо за аферата „Живалевиќ“ и обвинувањата за мешање во внатрешните работи на Македонија. Српската одбрана беше дека Живалевиќ не дејствувал против протоколите и дека во Собранието имало и други странски служби. (крај на Мај, изјава на Вучиќ во Брисел).

Скопје си молчи и за Живалевиќ и за Стоилковиќ

За оваа афера со српските служби во Македонија се уште чекаме некаква институционална разврска, ако поради безбедносни и регионални причини воопшто ја има. Македонската реакција беше млака, а српската речиси арогантна. НОВАТВ и тогаш и сега праша во кабинетот на новата влада дали институциите имаат став или некаква истрага во врска со делувањата на српската и руската служба овде, но и активностите на македонски пратеници во насока на дестабилизирање на земајва, како случајот со Иван Стоилковиќ. Напротив, како во паралелен универзум Стоилковиќ поддржан од Стевчо Јакимовски продолжи да оди на средби во Русија и да зборува за формирање на неутрална воена зона на Балканот, што би значело оддалечување од евроатланските перспективи.

Од овие случувања наваму мразот помеѓу Скопје и Белград почна да станува ледено езеро. Повремено се провоцираше со измислени вести за наводна војска од Косово која заедно со Заев којзнае што и планирала, Дачиќ отворено зборуваше дека се кае што ја признале Македонија под уставното име, за вчера состојбата да ескалира со повлекувањето на дипломатскиот персонал на Србија од земјава назад во Белград. Вучиќ и Дачиќ, министерот за надворешни работи, обвинија дека имаат сознанија дека српската амбасада била цел на разузнавачки активности во Македонија од страна на трети служби.

Провокаците на Вучиќ во кампањата

Како провотакорски беше оценет и спотот на Вучиќ во предизборната кампања која ја водеше, а во која на српските граѓани им ветуваше дека „нема да дозволи македонско сценарио“. Анализата на „Пешчаник“ прави анализа за овие потези на Вучиќ кои беа оценети како провокаторски и во линија со руската политика на Балканот и Европа.

Со потврдувањето на власта на СДСМ и именувањето на Зоран Заев како премиер драстично се промени надворешната политика на Македонија. Заложбите за евроатланските интеграции беа брендирани како приоритет од страна на новата администрација. Договорот со Бугарија и реафирмирање на блиската соработка со Босна и Херцеговина, уште една балканска земја која може да е потенцијален проблем по однос на безбедноста на регионот, се чини дека почна да се гледа како пречка на многу туѓи агенди.

Дека обидите за руско мешање во југоистична Европа, особено кревкиот Западен Балкан не се само надувана прикаска потврдуваат многу написи и истражувања од релевантни медиуми во светот. Стравовите од нови проблеми на Балканот ги пренесе и „Вол Стрит Журнал“ во своајта секција “мислења“, нешто што во новинарскиот свет не се брои како „само уште еден текст од меѓународна политика“, туку напротив.

На неодамнешен тинк-тенк состанок, доброинформиран германски службеник беше прашан кој европски проблем најмногу го загрижува. Тој без двоумење одговори дека тоа е западен Балкан, каде што се готви нова криза додека Турција и Русија го мешаат котелот.

Во неговото најлошо можно сценарио, Русија и Турција би ги охрабриле своите пиуни на Балканот, Србија и Албанија да им помогнат да ги прецртаат границите во регионот. Српската влада, со руската поддршка би присвоила голем дел од Босна кој е населен со етнички Срби. Турската поддршка би помогнала Албанија да изведе сличен маневар,  не само во претежно албанскотот Косово, туку и во Македонија, каде што голем дел од албанското малцинство би сакало да се присоедини со земјата која ја сметаат за своја татковина, ќе напишр авторот во својот текст „Балканот: Следната европска криза“.

Балканот- следната европска криза