Изборите во Унгарија беа слободни но не беа фер. Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ Даглас Вејк одби да ја изговори оваа реченица но тој заклучок се наметнува од првиот извештај на ОБСЕ-ОДИХР за вчерашните избори во Унгарија.
Во него се вели дека во изборите било видливо преклопување на ресурсите на државата и на владеачката коалиција со што бил оневозможен фер изборен наптревар:
“Гласачите имаа избор од повеќе политички опции но, застрашувачката и ксенофобична реторика, пристрасноста на медиумите и финансирањето на нетранспарентната кампања го ограничи просторот за вистинската политичка дебата, оневозможувајќи целосно информирање на гласачите”, вели извештајот на европските набљудувачи.
Изборни нерегуларности
Набљудувачите наскоро ќе го објават финалниот резултат но и во прелиминариот извештај пишува дека премиерот Орбан, за време на кампањата, им ветувал на пензионерите дека ќе добијат ваучери од 10.000 евра и дека и нивните трошоци ќе бидат намалени за 12.000 евра, пари од државната каса. Во говорите во кампањата тој исто така врескал дека ќе има “одмазда” врз опозицијата по изборите а во друг говор им се заканувал на невладините организации и ги нарекол “армија на платеници”.
Премиерот исто така го користел и Фејсбук профилот на премиерската функција за да повикува да се гласа за неговата партија. Слични примери има многу.
Некои од унгарските медиуми веќе известија дека имало купување гласови, дека владеачката партија обезбедила транспорт на гласачи во Печ на југот на Унгарија, дека од ИТ системот исчезнале 82.415 гласови во последниот час од изборите.
Огромната победа на Орбан предизвика и протести. Така, утринава група тинејџери го блокираа сообраќајот нарекувајќи ја владата “фашистичка”. Тие бараа и пребројување на гласовите а некои изјавија дека ова се можеби последните слободни избори во Унгарија со оглед на тоа што Орбан, со солидно двотретинско мнозинство, има намера да го смени Уставот по своја мерка.
Вакво уверување дели и Партијата на зелените од Европскиот парламент па наместо честитка, тие упатија предупредување дека со ова мнозинство, Орбан ќе биде доволно силен да го смени Уставот без да праша било кого.
Европските колеги на Виктор Орбан не побрзаа да му ја честитаат огромната победа на унгарскиот премиер. Франција на пример изјави дека ја прима на знаење победата на Орбан.
Екстремно-десните партии му ја честитаа победата на Орбан
Но срдечни честитки веднаш стасаа од екстремната десница на Франција и претседателката Марин Ле Пен, холандскиот екстремен десничар Герт Вилдерс и од нивните колеги во Германија, партијата Алтернатива за Германија.
Нема сомнение дека писмата и телефонските повици со честитки ќе стасаат од многу места.
Орото денес го поведоа Австриецот Себастиан Курц кој владее со екстремната десница во коалиција и полскиот премиер Матеуш Моравјецки кој исто така има проблеми со Брисел поради полското непочитување на правната држава и владината контрола врз судството и медиумите.
По нив следеа првите луѓе на Европската народна партија (ЕНП) во Европскиот парламент Манфред Вебер и Џозеф Дол.
Првиот човек на Европската комисија Жан-Клод Јункер, човекот кој го нарече Орбан диктатор, најави дека ќе му се јави за да дискутира за прашања од заеднички интерес и очекува соработка врз заедничките предизвици, изјави портпаролот на ЕК.
Запрашан за нападите на Орбан врз невладиниот сектор во Унгарија и особено за организациите финансирани од Сорос, портпаролот на ЕК одговори:
-Европската унија е унија на демократија и вредности. Одбраната на тие вредности е заедничка обврска на сите земји членки без исклучок, јави МИА од Брисел.
Од другата страна на политичкиот пејсаж, социјалистите побараа одговорност од ЕНП:
“ЕНП има коодговорност во резултатот на изборите а оваа партија се грижи само за начинот на да се остане на власт без оглед на политичката програма која е понудена. Фактот дека тие никогаш сериозно не се осврнаа на екстремно десничарските дигресии на Орбан, јасно го покажува тоа “.
ЕУ повеќе пати во овие осум години владеење на Орбан влегувала во политичка кавга со неговата влада, пред се поради неговите обиди да се замолчат невладините или Универзитетот основан од Џорџ Сорос, поради неговата застрашувачка реторика за мигрантите, поради нападите врз Европската комисија но и поради злоупотребите на европските фондови.
Влијание на евроскептицизмот на Орбан во ЕУ
На сето ова Орбан одговара со самоуверена насмевка. Тој добро знае дека ја има заштитата на сестринската ЕНП во Брисел а со тоа тој ќе спречи било какво кратење или укинување на ЕУ фондовите кои се огромна помош за унгарската економија.
Политичкиот аналитичар Булшу Хуњади, во интервју за францускиот “Ле Пуен”, вели дека Вебер и Орбан се сретнале пред неколку недели и се договориле дека Фидеш, партијата на Орбан, ќе остане членка на ЕНП и покрај евидентите разлики во мислењата за многу прашања како почитувањето на правната држава, мигрантите или невладините. Тие исто така се согласиле дека треба да дојдат до заедничка позиција за европските избори во 2019 година:
“Невозможно е да се каже како можат да дојдат до заеднички став. Особено сега, по силната победа на Орбан, неговиот став е уште поцврст”, вели аналитичарот.
Со или без помош од ЕУ, Орбан нема намера да се откаже од неговите намери. Веќе денес во Парламентот беше испратен нацрт закон наречен “Стоп Сорос”. Во кој се бараат даноци од 25 отсто за невладините “што поддржуваат миграција”, потврди партијата на Орбан.
Според Јоаким Фриц-Ванам од Фондацијата Бертелсман, успехот на евроскептичните партии продолжи, како во Унгарија, Австрија и Италија, е предупредување за европските избори во 2019 година:
“Ако ова вака продолжи, вгодина ќе има мнозинство евроскептици во Европскиот парламент”, вели тој за агенцијата АФП.
Од германска страна велат дека “соработката со Фидеш може да биде предмет на контроверзи, како различните ставови на Германија и Унгарија во однос на миграциската политика”, вели портпаролот на Ангела Меркел. И додава дека канцеларката смета дека соработката треба да продолжи.
Даниел Микеш, аналитичар од групата Републикон во Унгарија, реакцијата на ЕУ по победата на Орбан, ќе биде клучна:
“Фидеш придава големо значење на припадноста на партијата во ЕНП и добрите односи со германските конзервативци. Овие два актери би можеле да имаат улога на модератори. Но видовме дека Фидеш игра двојна улога. Европските пратеници на Фидеш се однесуваат поинаку од пратениците дома, во унгарскиот парламент”, вели тој.