Околу 4,4 милиони Словаци денес избираат нов Парламент.
Фаворит на овие избори е владеачката партија СМЕР – Социјална демократија на актуелниот премиер Роберт Фицо, кој според претходните анкети на јавното мислење ќе го изгуби апсолутното мнозинство во Парламентот.
Роберт Фицо, 51 година, ја водеше својата изборна кампања пред се со остро противење на приемот на бегалци. Словачка исто така не ги прифати квотите на Европската комисија за прием на бегалци во земјите членки на ЕУ и поднесе тужба против ваквата одлука пред Европскиот суд на правдата.
Билбордите на партијата Смер порачуваат „Ние ја штитиме Словачка“, а партискиот лидер ја користи секоја можност за да говори против имиграцијата.
Изборната кампања го доведе Фицо пред три дена во Македонија. Фицо со голема делегација и придружуван од многу словачки новинари беше во посета на грчко-македонската граница а домаќин му беше македонскиот министер за внатрешни работи. Со посетата Фицо сакаше да покаже дека идејата на неговата земја и нејзините соседи за сопирање на бегалците на грчко-македонската граница функционира.
Предизборните анкети велат дела Фицо има поддршка од 32,5 проценти од граѓаните, додека опозицијата ја ужива поддршката на половина од овој процент.
Новиот владин Кабинет кој ќе се формира по изборите ќе го преземе и словачкото претседавање со ЕУ во втората половина на 2016 година.
Гласањето завршува денес а резултатите ќе бидат познати утре.




