Словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска најави дека неговата влада ќе донесе низа на мерки за ублажување на заканувачката енергетска криза и поскапувањето на енергенсите и очекува ваквиот владин интервентен закон да биде прифатен од парламентот по забрзана постапка.

„Една од мерките се однесува на намалување на ДДВ за сите енергетски производи. Не само за струја и природен гас, туку и за мазутот и дрвната биомаса“, изјави Голоб по средбата со претставници на опозициските партии со кои сака да се постигне консензус за мерките, за да нема проблеми во законодавната постапка.

Намерата на Владата е, меѓу другото, да се израмнат цените на енергијата за сите потрошувачи, без разлика на изворот на енергијата и снабдувачот на енергија, објави Владата на Твитер.

Презентирајќи ги денеска „таргетираните мерки“ за заштита на потрошувачите од сè повисоките цени на енергијата, Голоб рече дека од 1 септември владата ќе воведе мерка за регулирање на цените на природниот гас, како што веќе има воведено за потрошувачите на електрична енергија.

„Цените на гасот од 1 септември ќе се намалат за сите потрошувачи, иако не за сите во иста мера“, рече Голоб и додаде дека Владата наскоро ќе одлучува за ова. Според него, средбата, која беше прва во низата консултации со опозицијата и претставници на енергетските компании, била конструктивна.