Ослободителната пресуда за новинарот и уредник Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ за случајот „Тревник“ е укината од Апелацискиот суд во Скопје. Второстепениот суд ја потврди информацијата, па предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд во Скопје. Неофицијано, одлуката за укинување на ослободителната пресуда е поради суштинска повреда во постапката.
Поранешното Специјално Јавно Обвинителство (СЈО) го отвори случајот со кодно име „Тревник“ за бесправно градење на три викендички во Зелениково. Предметот го водеше судијката Марија Клетничка-Марковска, а ослободителната пресуда беше изречена на 4 јули во 2019 година, со облазложение дека делото за кое се товарат браќата не е кривично дело според закон.
Притоа беше посочено дека во такви случаи пракса е ако постои дивоградба и во текот на кривичната постапката таа се легализира, тогаш обвинението се повлекува. Во конкретниот слулчај, наведе таа, институциите не реагирале, никој не пријавил дивоградба, ниту пак некој спорел кога објектите биле впишувани во катастар.
„Тревник“ е еден од двата предмета на СЈО во кои е опфатен Драган Павловиќ-Латас. Вториот е „Топлик“ кој се однесува на даночно затајување и за него сè уште нема пресуда.