Пензионираниот гинеколог Едуардо Вела е првиот на кој му се суди во Шпанија поради скандалот со украдените бебиња.
Вела е обвинет дека ја киднaпирал Инес Мадригал од нејзината мајка во 1969 година и потпишал лажен извод на друга жена. 85 годишниот Вела денеска рече дека потписот не бил негов и не се сеќава на случајот.
“Никому не му дадов никакво бебе”, промрмореше гинекологот. Тој рече дека нема идеја што се случило со документите на клиниката кои исчезнале.
Десетици луѓе стоеја пред судот во Мадрид, апелирајќи за правда.
Инес Мадригал, пристигна во судот опкружена од поддржувачите облечени во жолти маици и со транспаренти на кои пишуваше „правда“.
„Овде не се работи само за еден случај. Целиот свет знае дека во оваа земја беа украдени многу деца“, рече таа. Гинекологот се соочува со 11 години затворска казна за нелегално посвојување и фалсификување документи. Мајката посвоител на Мадригал пред да умре во 2016 година, пред судија изјавила дека„ д-р Вела и дал подарок, бидејќи таа не можела да има сопствени деца“.
Таа признала и дека заедно со сопругот го потпишале изводот дека тие се биолошки родители на Инес.
Активисти за човекови права со децении укажуваат дека во времето на диктатурата на генералот Франко (1939-1975) тајно се киднапирале бебињата. Децата се одземале од мајките кои се сметале за несоодветни, а потоа биле предавани на двојки кои го подржувале режимот.
Вистинскиот број на киднапирани деца никогаш не може да биде познат.
Истражниот судија Балтазар Гарсон, во 2008 година рече дека според проценките се работи за околу 30.000 деца.




