Снема вакцини против грип во скоро сите градови во државата. Директорите на Центрите за јавно здравје во моментот се во Министерството за здравство каде се одржува состанок со цел да побараат нови дози на вакцини. Само два дена откако започна вакцинацијата вакцини снема во Центарот за јавно здравје во Велес.

„Да точно е, се потрошија комерцијалните вакцини против грип, а преку Мој термин се веќе закажани. Одиме на состанок во Министерството за здравство да видиме дали ќе има нови нарачки. Тука се директорите од повеќето Центри за јавно здравје“, изјави за НОВА, Тони Димитриев директор на Центарот за јавно здравје во Велес.

Без вакцини останаа и граѓаните од Македонски Брод. Некои од нив уште вчера се јавија во  редакцијата на НОВА.

Пациент кој е 35 години со дијабетес и секоја година редовно се вакцинира заради заштита од грип бил вратен заедно со другите кои дошле да се вакцинираат.

„Дојдовме да се вакцинираме, но не вратија. Рекоа немало вакцини. Јас сум дијабетичар цели 35 години и морам да се заштитам, а вакцини нема. Што ќе правам сега не знам“, рече еден 71 годишен пациент со дијабетес од Македонски Брод.

И директорот на Здравствениот дом во Македонски Брод за НОВА потврди дека вакцините кои се плаќаат 650 денари веќе се потрошиле.

„Комерцијалните вакцини се потрошија, а бесплатни има на залиха за тие што им следуваат. Од Центарот за јавно здравје во Скопје најавија дека од понеделник ќе има нови дози на комерцијални вакцини“, рече Жарко Симевски директор на Здравствен дом во Македонски Брод.

Министерството за здравство годинава набави 41 000 дози на вакцини од кои 28 000 се  бесплатни  за лица над 65 години со просечна и потпросечна пензија, како и за оние без пензија и тие се распоредени во 10 Центри за јавно здравје. Од  таму велат дека секој Центар за јавно здравје самостојно врши проценка за обезбедување на потребните количини вакцини за подрачјето кое го покрива.

„10-те Центри за јавно здравје самостојно реализираа постапки за јавна набавка за 13.100 комерцијални количини вакцини, како и претходните години, a годинава се обезбедени вкупно 41.000 доза вакцини против сезонски грип, односно годинава бројот на вакцини е за околу 45 проценти поголем, во однос на претходните сезони“, велат од Министерството за здравство.

Од Институтот за јавно здравје за НОВА потврдија дека 6895 од комерцијалните вакцини се потрошени, а 8150 вакцини се веќе закажани преку Мој термин.

Вакцинацијата треба да трае уште две недели, а вакцини нема. Во Центрите за јавно здравје велат дека годинава има повеќе вакцини од претходните години, но и интересот е поголем заради промотивната кампања.

Годинава вакцините против грип се дури за 62 проценти поскапи од минатата година.

Во Министерот за здравство тоа го правдаат со фактот дека годинава вакцините биле четиривалентни, за разлика од претходно кога биле тривалентни.

„Цената на вакцината е за малку поскапа од минатите години, бидејќи годинава набавивме нова,четиривалентна вакцина, која заштитува од 4 видови Инфлуенца, досега се набавувале тривалентни вакцини“, велат од ресорното министерство.

Вакцините се производство на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“, а набавени се преку веледрогеријата Елбиор.  Вакцината против грип е незадолжителна, но е препорачана за хронично болните и возрасните пациенти.