Откако вечерва ја призна независноста на самопрогласените републики Доњецк (ДНР) и Луганск (ЛНР), рускиот претседател Владимир Путин му нареди на Министерството за одбрана да обезбеди одржување на мирот во тие делови на источна Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин им наложи на вооружените сили на Руската федерација да го осигураат мирот во Доњецката и во Луганската Народна Република, се наведува во указот што го потпиша рускиот лидер.
Тој му наложи и на руското Министерство за надворешни работи да воспостави дипломатски односи со ДНР и со ЛНР.
Оценив дека е неопходно да се донесе таква одлука која долго време созреваше – за веднаш да се признае независноста на Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск, порача Путин во телевизиското обраќање.
Путин, исто така, ја повика Украина веднаш да ги прекине „воените операции“ против проруските сепаратисти.




