Сомнителен пакет сличен на оние што беа испратени до седиштето на CNN и истакнати Демократи бил испратен и во ресторан во Њујорк што е во сопственост на актерот Роберт Де Ниро.
Ова е осми сомнителен пакет кои деновивие е испратен до критичарите на Трамп. Актерот Роберт Де Ниро учествуваше во сите протести против Трамп и во една прилика го нарече „национална катастрофа“.
Од полицијата во Њујорк изјавија дека ресторанот бил празен во моментот кога пристигнал сомнителниот пакет.
Сомнителните експлозивни пакети почнаа да пристигнуваат од понеделникот и до сега беа испратени на адресите на милијардерот Џорџ Сорос – донатор на Демократската партија, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, поранешниот претседател Барак Обама, поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, до седиштето на Си-Ен-Ен, поранешниот јавен обвинител Ерик Холдер, демократската конгресменка Максин Вотерс од Калифорнија. ФБИ отвори истрага за испраќачот.
Она што е познато до овој момент е дека во пакетите-бомби имало прав и скршено стакло во цевка од ПВЦ материјал долга околу 15 сантиметри облепени со црна лента. Во нив имало и мала батерија како за часовник. Не е потврдено дали направите биле експлозивни.
Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека во Америка нема место за закани со политичко насилство.
– Целата сила на нашата Влада ќе биде искористена за оваа истрага и за изведување на одговорните пред лицето на правдата. Нема да штедиме на ресурси и трошоци, рече Трамп.




