Јапонскиот технолошки гигант „Сони“ одлучи својата европска централа да ја премести во Холандија од Велика Британија, поради излегувањето на земјата од Европската унија.
– Ќе ја преместиме нашата европска централа во Амстердам, изјави претставник на компанијата и додаде дека целта е избегнување царински процедури.
„Сони Јуроп“ така ќе премине под нова филијала основана во Холандија и ќе остане во ЕУ и после Брегзит. Сепак, британската компанија и понатаму ќе го води извозот и продажбата во регионот, и никој нема да биде отпуштен.
Сони се одлучи на овој чекор за да ги избегне бројните царински и регулаторни контроли во случај на Брегзит без договор, што е се поизвесна можност откако британскиот Парламент минатата недела го отфрли предлог договорот со Брисел.
И друга јапонска компанија „Панасоник“ минатата година донесе слична одлука поради даночни причини, а заминување од Лондон, исто така, најавија повеќе јапонски финансиски институции.
Јапонските компании во Велика Британија инвестирале повеќе од 60 милијарди долари и вработуваат 142.000 луѓе. Меѓу 879 јапонски компании во Велика Британија се и производителите на автомобили Хонда, Нисан и Тојота.




