Сопругата на поранешниот лидер на босанските Срби Ратко Младиќ, Босилка, сведочела во негова одбрана, јавува Радио Сараево, повикувајќи се на БЕРН Од Белград. Таа му дала алиби на сопругот со тоа што пред судот тврдела дека во јули 1995 година бил со неа во Белград, во време кога е извршен масакрот врз Бошњаците во Сребреница.
Босилка Младиќ пред Хашкиот трибунал тврдела дека деновите по паѓањето на Сребреница ги поминале заедно во нивниот стан во Белград. Прецизирала дека на 16 јули 1995 година заедно биле на свадба, а потоа на средба со српските иселеници на Воено-медицинската академија.
Таа изјавила дека нејзиниот сопруг не можел да го изврши злосторството и дека не треба да биде осуден.
На Ратко Младиќ му се суди за геноцид во Сребреница и неколку други општини, за прогонување на несрпското население, тероризирање на граѓаните на Сараево и киднапирање на припадници на УНПРОФОР.




