Советот на Европа се вклучува во спроведувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Икс против Македонија“.
И покрај тоа што ЕСЧП пресуди во полза на лицето „Икс“, тој се уште не може да добие нови лични документи со нова ознака за пол.
На вчерашниот состанок на работната група во Министерството за правда било констатирано дека нашата земја е последна од регионот која нема решение за правно признавање на родот, па затоа и претставници на Советот на Европа ќе се приклучат во следењето на спроведувањето на пресудата на ЕСЧП во случајот „Икс“.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур на почетокот на годинава пресуди во корист на трансродовото лице „Икс“ кое ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и на неефикасен правен лек во земјата.
Судот ја уважи тужбата врз основа на членот осум на Конвенцијата за човекови права што се однесува на повреда на правото на приватност и изрече казна од девет илјади евра нематеријална штета која државата ќе треба да му ги исплати на лицето „Икс“ поради претрпен стрес.
Адвокатката Наташа Бошкова вели дека трансродовото лице Икс се уште не може да добие нови лични документи каде што ќе фигурира неговиот нов род.
Владимир Делов од кабинетот на министерката Рената Дескоска истакнува дека улогата на Министерството за правда е да обезбеди минимални предуслови за почитувањето на правата на овие лица.
-Работната група во Министерството за правда беше формирана пред носењето на пресудата за случајот Икс. За жал не успеавме да ја пресретнеме пресудата со правно решение за овој проблем. Сакам да истакнам дека случајот Икс не беше изненадување за нашите институции, има долга историја со Управниот суд, со Управата за водење на матичните книги која во повеќе наврати одбива да направи промена на родот во случајот.

Жал ми е да истакнам, слушнавме статистика за тоа како земјите од Европа одговараат на овој проблем, а ние сме последната држава во регионот која нема решение за правното признавање на родот – вели Делов.
Делов најави дека во наредниот период ќе претстои динамична соработка со Советот на Европа, која била утврдена на вчерашниот состанок.
-Сето тоа ќе биде во насока на извршување на пресудата на Икс против државата. Можеби доцниме во однос на земјите од регионот, ние смогнавме сили навремено да го решиме овој проблем на трансродовите лица, но мислам дека овој предизвик е причина да се издвоиме од јатото од Балканот. Нашата цел ќе биде да ги следиме примерите од западноевропските земји, со што можеби би станале пример за останатите земји во регионот за правното признавање на родот – вели Делов.
Делов истакнува дека ова е нова тема за македонското општество и дека природно е да има многу предрасуди и недоразбирања кои се отсликуваат како во општеството, така и во работната група.
-Би сакал да се заблагодарам на лицето Икс што го изоде патот за сите останати лица и сакам да истакнам дека прашањето за извршувањето на пресудата од Судот не е прашање на избор за институциите, но е прашање кое конечно ќе стави крај на проблемите на правното признавање на родот – порача Делов од Министерството за правда.
Претходно, лицето Икс за НоваТВ изјави дека ќе оди до крај и дека нема да се откаже од борбата за своите права.
На кој начин, пресудата во ваша полза ќе ви го олесни животот?
– Би било ли премногу кога би рекол „на секој начин“? Буквално не постои институција во која не сум морал пред полна чекална да се објаснувам и да добивам гласни коментари „Ама матичниот број ти е женски!“ „Операција имаш правено?“ „Чекај, што е сега кај тебе проблемот?“ „Не си ти ова!“ и смеење цело време. Давам сѐ од себе за да живеам барем малку од малку подобро. Ама ете. Не можам без проблеми да добијам здравствена услуга. Не можам да патувам со пријатели кои ги имам запознаено по медицинската транзиција. А и без тоа сум имал проблеми на граница. Па треба ли да ми бидат ограничени огромен дел од правата затоа што некој не разбира дека треба да се регулира ова прашање? Одбивам да бидам игнориран. Имам права. Рамноправен граѓанин сум. Закон за правно признавање на родот мора да се донесе врз основа на самоопределување! Барањето медицински интервенции за промена на документите го напаѓа телесниот интегритет на транс луѓето, а тоа е уставно заштитена категорија. Од државата очекувам да го почитува Уставот. Алтернатива нема – рече лицето „Икс“.




