Во Јужното Кинеско Море е во тек спасувачка мисија, откако тајфунот Чаба преполови товарен брод со 30 членови на екипажот, јавија кинеските медиуми.

Спасувачките тимови досега спасија само тројца членови на екипажот на бродот кој тонеше на 300 километри западно од Хонг Конг. Засега е непозната судбината на останатите 27 членови на екипажот, јави South China Morning Post.

Весникот наведува дека бродот „Фуџинг001“, кој пловел под кинеско знаме, рано утринава побарал помош, кога тајфунот се спуштил врз него.

Видео снимка од спасувањето покажува како еден член на екипажот со јаже од хеликоптер е извлечен од бродот, непосредно пред да потоне под него.

Спасувачките операции се отежнати од брановите што достигнуваат височина и до 10 метри, а видливоста е помала од 500 метри.