Податоците на американската Агенција за национална безбедност (НСА), говорат дека неодамнешните случувања во Франција се само почеток на низа планирани напади на џихадистичката организација „Исламска држава“ во Европа, пишува германскиот дневен весник „Билд ам зонтаг“.
Весникот пишува дека припадниците на НСА успеале да ги прислушкуваат телефонските разговори на лидерите на „Исламската држава“ во кои било кажано дека Европа ја чека бран на терор и оти случувањата во Франција се само почеток.
Во разговорите немало конкретна информација за плановите на „Исламаската држава“, меѓутоа бил спомнуван Рим.
Минатата недела терористите Шериф и Саид Куаши убија 10 новинари од сатиричниот магазин „Шарли Ебо“ и двајца полицајци пред редакцијата на весникот.
Третиот напаѓач, Амед Кулибали, за кој се верува дека е поврзан со браќата Куаши, во петокот уби четворица заложници во супермаркет во источниот дел на Париз, а тој наводно е одговорен и за четврточното убиство на полицајка во јужниот дел од главниот град на Франција.




