Српскиот министер за трговија и туризам Расим Љајиќ изјави дека очекува во следниве два до три дена да биде најдено решение за спорот меѓу Хрватска и четирите западнобалкански земји, до кој дојде поради одлуката на Загреб за зголемување на цените за инспекциските контроли при увозот на овошје и зеленчук од држави кои не се членки на ЕУ.
– Никому не му е во интерес заострување на односите и оваа состојба да трае долго, бидејќи од трговските војни на крајот само се бројат штети и тука никој не може да профитира, изјави Љајиќ за телевизијата Пинк.
Љајиќ при тоа позитивно ја оцени изјавата на хравтскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој исто така рече дека ќе се најде решение за овој спор до крајот на неделава.
Министрите за земјоделство на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора на средба во понеделникот во Сараево побараа Загреб под итно да го повлече правилникот со кој се зголемуваат фитосанитарните контроли на увезеното овошје и зеленчук од земји што не се членки на ЕУ и го зголеми надоместокот за инспекциски контроли од 90 на 2.000 куни (од 12 на 270 евра).
Четирите земји побараа Хрватска да ги прилагоди своите цени за инспекциска контрола со просечната цена во земјите членки на ЕУ и апелираа до Унијата да се вклучи во надминувањето на спорот. Тие најавија и дека ако Загреб не ја повлече одлуката за 22-кратно зголемување на цените на инспекциите, ќе преземат реципрочни мерки кон Хрватска.
Љајиќ во изјавата на Пинк нагласи дека Србија планира да преземе „последна нужна акција“ против Хрватска со зајакнување на инспекцискиот надзор на хрватските производи, со цел да покаже колку се бесмислени мерките што ги воведе Загреб.
Тој нагласи и дека очекува Европската комисија да побара од сите земји да гарантираат исти цени за инспекциски контроли на производите, независно дали тие доаѓаат од држава членка или кандидатка за членство во Унијата.
Во реакција на спорот, Европската комисија вчера оцени дека сите страни треба да ги почитуваат обврски од договорите за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и земјите од западен Балкан.

