Владата на Србија усвои Уредба со која пропиша максимална малопродажна цена на нафтените деривати еуродизел и европремиум БМБ 95 да изнесува 179 (1,52 евра), односно 171 динар (1,45 евра) за литар, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што е соопштено по седница на Владата, Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати донесена е со цел да се спречи поголемо нарушување и да се зачува животниот стандард на населението, имајќи предвид дека во претходниот период поскапеа овие деривати, што директно влијаеше на порастот на цените на сите други стоки и услуги.
Владата на денешната седница усвои и Заклучок за вработување на 1.000 дипломирани медицински лица во здравствените установи и со тоа да овозможи непречено, ефикасно, континуирана и достапна здравствена заштита. Ова вработување се однесува на дефицитарните гранки во медицината.
Врз основа на анализата на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ – Батут“, беше утврдено дека на здравствениот систем во земјата му недостигаат над 1.000 доктори на медицина, соопштија од владата.




