Биолошки го нема Третиот човек од Јалта, исклучителниот политичар и ингениозен стратег, Винстон Черчил, но избраното (?) заедништво на две големи сили, а без трет присутен, ја прави вечерата токсична. Дури и во рутински дружења, дипломатите на закуска викаат Трет човек …
Борко Зафировски
Одамна пустинските песок крие тајни на Бедуинските племиња низ Блискоисточните и севкупно, низ арапскиот свет ,на и околу Средоземјето. Доволно е да се потсетиме дека арапските и персиските записи низ големите светски библиотеки, вклучувајќи го и нашиот национален трезор, Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, грижливо ги чуваат и обработуваат одделенијата или секторите именувани како посебно значајна Ориенталистика.
Низ таквите збирки се утврдува богатото творештво на недоволно позната култура ама и преводи и библиографија на значајни дела од цивилизацијата на античките народи. Така, благодарејќи на културата низ Ориенталистика, на арапски, персиски а и старотурски, со превод се враќаме кон исчезнати дела на Елинистиката или Старо римската епоха.
Деновиве во срцето на Саудиска Арабија, во Ријад, се сретнаа високи претставници на две Велесили, кои освен взаемни интереси во текот на Втората светска војна, никогаш а особено последните години, по Руската инвазија врз Украина, немале блиски односи, туку нарушени вообичаени дипломатски канали, па неминовните пораки следеа со посредништво или приватни, делумно деловни контакти. Тоа упатува а и ја објаснува политичката „загонетка“ околу изборот на местото за исклучително значајна, секако историска средба.
Третиот човек
Невидливите траги низ песочни ветрови потсетуваат на времето кога Британците ја цртаа и кроеја пошироката географија што ги засегна и границите на Турција, односно Отоманската империја. Преку разузнавачот и политички стратег на МИ 6, Лоренс, наречен од Арабија, тие успеаја да го организираат поднебјето во кое стотина години имаа влијание.
Мислам дека тоа не е исчезнато, само поинаку функционира, од „блиската“ средба со НКВД / КГБ, во организирање на Техеранската конференција и „печатот“ на повоените приказни, до денес-ЈАЛТА. За разлика од ингенозниот Лоренс од Арабија кој бил заробен и фрлен на затворски силување како одмазда за Отоманските фрустрации од неуспесите низ Арабијскиот песок, преговорите Техеран-Јалта, имаа поинакви херои низ разработена повеќегодишна мрежа на НКВД низ Иран, Грузија и Ерменија (повторно актуелен регион на Подкафказјето со Руска сенка), до зоните и мрежите на МИ 6, кои, ете, со ЦИА,ЕФ БИ АЈ,и логистика ,биле во Ријад подеднакво блиски со Вашингтон и Москва.
Ефектите од средбата во Ријад, на прв поглед не се ексклузивни ниту надежни, но чекорот напред во билатералната меѓу САД и Руската федерација, укажува дека мерните единици од поодамна се поинакви. Еден чекор, седум милји.
Биолошки го нема Третиот човек од Јалта, исклучителниот политичар и ингениозен стратег, Винстон Черчил, но избраното (?) заедништво на две големи сили, а без трет присутен, ја прави вечерата токсична. Дури и во рутински дружења, дипломатите на закуска викаат Трет човек …
Не се сомневам дека ќе се коригираат, особено САД, перјаницата на моќниот НАТО, од кој не се излегува „некласифицирано“ како некои наши мераклии на „сертификати“, што добро им е познато и на Русите, ниту пак помислуваат да откупуваат бездни со огромна убиствена моќ, АМА, односот кон Украина, го открива односот кон Европа, а зад сето тоа, после пежоративната „салветка“ а ла Черчил-Сталин за Украина фифти-фифти, ѕиркаат средноазиски и големи Азиски апетити.
Во тој контекст, смешно и жално е „отворање“ на Балкански а тек Македонски „прашања“.
Тие што трчаат по аеродромски терминали, треба под итно дома да ручаат, а во Брисел на работен појадок, со напишаната домашна задача.
За нас следува вториот дел: Побуна во ЕУ „Вишновата градина“, оти Парис е Парис, а Ријад не е „ЈАЛТА“.
Побуна сред Вишновата градина
Ако во Ријад се направи билатерален (?) чекор од седум милји, веќе вечерта постапно се пласираа дел по дел, пораки до Третата страна, нападната Украина и членките на ЕУ. Се пролеа неевропски реторика на груби, директни етикетирања со тешки обвиненија ( диктатор, изгледи за целосно исчезнување на преостанатата инфраструктура), со арогантна најава и задачи за осудената држава и нејзиното раководство.
Молневито, грубо и гласно повикување на капитулација и одговорност од Космичка тежина.
Сојуз на две атомски велесили со криминални најави и апсолутистички вокабулар. Едноставно, вадење Хрушчововски чевел во Обединетите нации, или мумифицирана Громиковска фацијална монотонија со диктати а невидливи удари под маса, денес останаа далечно старомодно минато ,поим за Советска ера на страв, заменета со каубојци обучени на Дивиот исток.
Нема творечки текови, нема жива мисла ,нема издавачка слобода а за Булгаков, Јесенин, Мандељштајм или Цветаева, за Мајерхолд или Љубимов, би завршила приказната пред да започне. Катастрофите во Руското творештво можат носталгично да си припомнат на бирократите, на Брежњев, што прогледувал низ прсти.
За Русија зборуваме, а над Америка лебди облак од страв за основните човечки права, и неверица за јавната поддршка за Путинизмот и Рускиот хегемонизам. Како да се одвива добра зделка за “грст” од светските ресурси.
Што направија лидерите или моќните од ЕУ?
Тие седат сред Вишновата градина (А.П.Чехов) и очигледно затекнати од времето на чекори од седум милји пијат чај присеќавајќи се на убавите времиња со цутот на вишните и и топлината на удобниот живот.
Љуба Андреева, земјопоседничката, и нејзиниот брат, вратени од Париз, ќерката Ања или Варвара со гувернантката, послугата и сенките од минатото време им се мешаат во неудобност создадена од грешки, саможивост и отуѓеност-во фамилијата и опкружувањето. Долговите притискаат а од Париз ништо не научија.
Ќе треба да се продава Вишновата градина.
За Андреева тоа е несфатливо. Последниот вреден имот на угледниот семејство бара прилагодување кон пропуштеното време. Бара одлуки за раздолжување и почеток на нов, креативен и активен живот.
Трговецот Лопахин предлага до есента распродажба во парцели за градба. Блиску се до реката, патот и железницата…Ако не се напуштат спомените и одсонуваните соништа, Градината ќе биде проголтана од долговите а аристократите ќе останат без ништо во непознат простор и изгубени во времето.
Европа, дај! Се бараат итни одлуки и солидарност со сите. Дали Кинезите ќе ги купат парцелите и погоните на гигантите, или Америка и олигарсите, нема значење во пазарната виулица и стампедото на капиталот.
Купувачите веќе ги имаат мерките и плановите, за времево што почна.




