Српскиот парламент се подготвува за утрешната седница, прва по вонредната состојба поради пандемијата на коронавирус. Како што известува телевизија Н1, ентериерот на Собранието изгледа како аптека.
Во собраниската сала се поставени се плочи од провиден лексан, за да се раздвојат пратениците во клупите.
Голема маса за дезинфекција е поставена и на влезот во Собранието, каде сите пратеници ќе мора да поминат. Пред тоа, пратениците ги чека термовизиска камера. Ќе мора да застанат на син квадрат. Ако светне зелено, пратеникот ќе може да влезе во Собранието.
Претседателката Маја Гојковиќ рече дека на агендата е потврда за воведување вонредна состојба и одредби донесени за време на вонредна состојба. Таа истакна дека сите пратеници биле поканети на седницата и им бил доставен материјалот и дека очекува сите да дојдат, како и дека е обезбедена опрема за одржување на седницата во посебни епидемиолошки околности.
Сојузот за Србија (ССС) и опозицијата која најави бојкотот на изборите нема да присуствуваат на утрешната седница на српскиот парламент, бидејќи на тој начин, како што велат, би поддржале кршење на Уставот, а претседателот на Движењето за пресврт Јанко Веселиновиќ најави дека ќе побара проценка на уставноста на вонредната состојба.
Пратениците во четврток во 18 часот ќе одржат протест против, како што велат, неуставното воведување вонредна состојба и мерките за карантин, а Веселиновиќ истакна дека на тој протест не се повикани граѓаните.





