Во годишниот извештај за тероризмот во светот, американскиот Стејт департмент истакнува дека, кога станува збор за Косово, странски организации кои ги помагаат екстремистите активно ги користат социјалните мрежи за ширење на пропагандата и регрутирање следбеници.
Во делот на извештајот кој се однесува на Косово се наведува дека околу 315 странски терористички борци од Косово отпатувале во Сирија и Ирак да се борат за Исламска држава (ИСИС, Даеш), или Ал нусра, подржуницата на Ал каеда во Сирија, и дека 58 од нив се убиени.
Стејт департментот оценува дека косовската влада применува сеопфатна стратегија и акциски план за борба против насилниот екстремизам и додава дека на тој план соработува со САД, НАТО и Еулекс (на северот на Косово), додека со Србија, иако нема таква соработка, од 2013 година постои план за интегрирано управување со границите и заедничко учество на обуките организирани од САД.
Во извештајот се набројува што сѐ Косово презема во борбата против тероризмот, вклучувајќи донесување и спроведување закони, биометриски пасоши, контрола на границите, опременост на граничната полиција, а како пречка за подобра соработка со меѓународните организации се наведува фактот што Косово не е членка на ЕУ, Интерпол ни Јуропол, поради што Унмик и Еулекс дејствуваат како посредници, што ги успорува постапките и соработката.
Членството на Косово во голем број регионални и меѓународни организации, вклучувајќи ги ОН, го блокираат земјите кои не ја признаваат неговата независност, истакнува Стејт департментот, додавајќи дека тоа ја оневозможува соработката во многу прашања, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот.




