Стотици илјади луѓе се приклучија на протестите за итно справување со климатската криза низ Канада, кои се одржаа во 85 градови .
Инспирирани од „Движење за иднината“ на тинејџерката Грета Тунберг, тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Нема планета Б.“
Демонстрантите побараа светските лидери да усвојат амбициозна политика за климатски промени.
Организаторите велат дека половина милион луѓе се собрале само во источниот дел на Монтреал. Официјални лица изјавија за локалните медиуми дека бројот изнесува околу 315.000.
Овие бројки го сместуваат настанот во Монтреал како еден од најпосетените маршеви за животната средина во историјата. На маршот присуствуваше и Грета Тунберг која допатува од Њујорк.

Училиштата, колеџите и универзитетите немаа настава или работеа скратено и ги пуштија учениците да присуствуваат на маршот, а градската власт и некои бизниси го охрабрија персоналот да го помине денот на улица. Градскиот јавен транспорт беше исто така бесплатен за настанот.
На маршот, не присуствуваше конзервативниот лидер Ендру Шер, кој има голема поддршка во регионите за производство на нафта и гас во Канада.




