Стотици нови пожари продолжуваат да ја уништуваат Амазонската прашума, додека се засилува меѓународниот притисок врз бразилскиот претседател Жаир Болсонаро да преземе ефикасни мерки за гаснење на пожарите.
Судбината на најголемата тропска шума на планетата, проголтана од пожарите, е во фокусот на самитот на Г7, што се одржува во францускиот Бијариц.
Според најновите официјални податоци, дури 78.383 пожари се пријавени во областа Амазон од јануари 2019 година, што е рекорден број од 2013 година од кога се води евиденција.
Според Националниот институт за истражување на вселената (ИНПЕ) меѓу четвртокот и петокот избувнале нови 1663 пожари.
Началникoт на овој Институт беше отпуштен на почетокот од август, откако објави податоци за прекумерно уништување на шумите за кои Болсонаро рече дека се невистинити. Според овие податоци уништувањето на шумите во јули било скоро четири пати поголемо отколку во истиот месец во 2018 година.
Информациите беа објавени еден ден откако претседателот објави дека ќе испрати воени сили за борба против пожарот и криминалот во регионот.
Со извиците „Зачувај го Амазон“, илјадници луѓе протестираа во Сао Паоло и Рио де Жанеиро во петокот, а протести се одржаа пред бразилските амбасади и конзулати во различни земји на покана на невладини организации.
Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот го обвини Болсонаро дека „лажел“ кога зборувал за дека ќе се заложи за заштита на животната средина и најави дека Франција во такви околности ќе се спротивстави на договорот ЕУ-Меркосур.
ЕУ и Меркосур – блок на земји што ги опфаќаат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, постигнаа политички договор на крајот на јуни за нов трговски договор кој треба да создаде можности за обете страни да растат одржливо додека гарантираат заштита на животната средина и заштита на интересите на потрошувачите во ЕУ.




