Австралиската компанија „Џенезис Рисорсис“ со седиште во Мелбурн откри нови количества на злато кај месноста Плавица во близина на Кратово.

По ланските дупчења ресурсната база на наоѓалиштето се зголеми од 51,3 тони на 113,8 тони злато со наод од 0,75 грама по тон. Кога станува збор, пак, за среброто и бакарот, претходните проценки, според меѓународните истражувачки рударски стандарди, изнесуваат 877 тони сребро со концентрација од 15,3 г/т и 14.833 тони бакар со концентрација од 0,282 отсто.

Новата рунда дупчења од годинава се фокусира на исток и на запад од северниот дел на Плавица и притоа беа откриени големи наоди на злато со добра густина. Најдобрите резултати се од 2,7 грама на тон на 44 метри длабочина до 3,9 грама на тон на 54 метри длабочина, а наоди на злато има и на длабочини од над 80 метри. Покрај ова, наоѓалиштето е отворено и за дополнителни дупчења на исток, кои ќе се вршат и на поголеми длабочини.

Претседавачот на бордот на „Џенезис Рисорсис“, Еди Панг, по овој повод изрази задоволство, истакнувајќи дека ресурната база на Плавица продолжува да расте.

– Овие резултати од првата рунда на дупчења за годинава се многу охрабрувачки. Ресурсната база на Плавица продолжува да расте и јас очекувам и понатаму значителни резултати од идните дупчења – вели Панг.

„Џенезис“ има потпишано договор со „Силекс“ од Кратово во 2007 година за месностите Плавица и Црн Врв, кои се добиени под концесија издадена од Министерството за економија во април 2010 година.

Австралиската компанија учествува во проектот со 62 отсто, додека останатите 38 отсто се на „Силекс“, при што Австралијанците самостојно го финансираат истражувањето до комплетирањето на конечната физибилити студија. „Џенезис“, исто така и управува со проектот со севкупна одговорност за операциите.