Поништување на изборите за Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ заради нелегитимноста на студентските претставници со право на глас во Сенатот на УКИМ, бараат повеќе студенти на најголемиот државен универзитет во земјава.
Веднаш по седницата на Ректорската управа на УКИМ на која беа избрани двата кандидати кои ќе се борат за ректорското место – Ненад Новковски и Никола Јанкуловски, студентите на професорите им поделија писмо со кое бараат одложување на изборот за Ректор на УКИМ.
Орхан Сулејмани од Студентскиот пленум вели дека тие бараат да се поништат изборите за избор на ректор на УКИМ, поради непостоењето на легитимно и легално студентско претставништво кое ќе гарантира вистински избор.
„Друго барање е студентите да се активираат и вклучат во избор на ректор прво на своите матични универзитети а потоа и овде. Имаме индиции дека претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски го прекршил Кривичниот законик при злоупотреба на јавна служба и должност преку менувањето на Правилникот за избор на студентските претставништва. Бараме тој тој правилник што поскоро да биде јавно достапен“, рече Сулејмани.
Студентката Теодора Столевска истакна дека гласовите на СПУКМ во ректорската управа се нелегитимни, бидејќи тие претставници не се избрани и нивниот мандат е истечен во 2014 година и тие веќе две години се нелегални претставници на студентите.
„Во тој Сенат седат нелегитимни претставници на студентите и со тоа сметаме дека одлуката за нов ректор ќе треба да биде поништена и да се спроведат нови избори за студенти каде ќе се изборат нови легитимни претставници пред 15-ти септември“, рече Столевска.
Последните избори за претседател на СПУКМ се распишани во 2012 година. Според студентите, со ова се повредува членот 356 од Статутот на УКИМ, каде се вели дека СПУКМ има свој претседател кој се избира на тајни и непосредни избори со мандат од две години.
„Доколку се дозволи гласање и од страна на лицето кое се претставува како студентски претседател при СПУКМ, одлуката може да биде спорена пред надлежните органи, а УКИМ повикан на одговорност“, велат студентите.
Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски за медиумите неодамна изјави дека тој не гледа ништо спорно што се уште е претседател на студентите.
„Јас лично, меѓутоа и членовите на мојата организација и луѓето со кои се консултирав што се познати во правната фела не гледаат никаков проблем за она што некои организации тврдат дека е спорно“, рече Спироски.
Новковски и Јанкуловски кандидати за Ректор
Универзитетските професори Ненад Новковски и Никола Јанкуловски од ректорската управа со 28 и 17 гласа ги избра за кандидати за ректор на УКИМ. Следната седница е закажана за 27. месецов, кога дефинитивно ќе се знае кој ќе биде новиот Ректор.
Професорот Никола Јанкуловски рече дека за неговата програма која ја предвидува за работата како евентуален иден ректор на УКИМ, е потребно поголемо елаборирање.
„Огромна поддршка ми дадоа моите колеги, сега следен чекор е Сенатот, каде се надевам дека ќе се донесе истата одлука и се надевам на понатамошна долга соработка со сите членови кои учествуваа во овој избор“, рече Јанкуловски.
Во врска со барањата на студентите и расправијата со СПУКМ, тој рече дека секогаш може да се најде начин како да се смират сите такви ситуации.
„Вчерашниот состанок на Ректорот со студентите мислам дека е во таа насока и ќе биде смирена ситуацијата“, додаде тој.
Другиот кандидат, професорот Новковски изјави дека на УКИМ постојат сериозни проблеми и тој е подготвен да се справи со нив.
„Имаше голема свесност од страна на претставниците да размислат за иднината на универзитетот и за сите сериозни проблеми и за катастрофата која сега ни се случува. Ни претстои сериозна работа и според сите критериуми, сметам дека јас сум најсериозен кандидат за истата“, рече Новковски.
Професорот Борче Давитковски, кој е дел од комисијата на Ректорската управа, изјави дека не би требало да има одложување на изборот за Ректор на УКИМ.
„Кога ќе има верификациона комисија на Сенатот, како ќе одлучат тие тоа е нивна работа, но мислам дека не би требало да се одлага изборот за ректор, бидејќи ние испративме писмо уште во јануари и тие имале време да се одржат избори и да си изберат кандидати, дали спровеле избори дали не, немам увид во тоа“, додаде Давитковски.







