Заедничко истражување на седум универзитети во Велика Британија покажало дека младите кои се или биле хоспитализирани поради ковид-19 имаат подеднаква можност за компликации на здравствената состојба, како и на луѓето кои се повозрасни од 50 години.
Четири од 10 лица на возраст меѓу 19 и 49 години имале проблеми со бубрези, со бели дробови и други органи за време на лекувањето, јави „Би-Би-Си“. Студијата вклучува 73.197 лица во 302 болници во Велика Британија за време на првиот бран на коронавирусот во 2020 година.
– Пораката е дека ова не е болест што ги погодува само постарите лица и ранливите, рече професорот Калум Семпл, кој го водеше истражувањето.
Тој додаде дека ковид-19 не е обичен грип и дека се забележани компликации кај многу млади луѓе, а некои од нив имаат потреба од третман на оштетени органи дури и по прележана инфекција.