Премиерот на Чешка, Бохуслав Соботка смета дека затворањето на границата на земјите од Западен Балкан за бегалците може да прерасне во крвави конфликти на Балканот кои веќе се познати во историјата на овој регион.
Во интервју за чешкиот неделник „Респект“, Соботка вели дека при евентуално затворање на границите, бегалскиот бран би се прелеал на Балканот. Според него, затворањето на границите на одделни балкански земји не е добар начин за решавање на бегалската криза.
– Едноставно, Балканот уште не е интегриран а сеќавањата на војни таму се многу живи. Ако притисокот на миграцијата не можат да го контролираат Турција во соработка со Грција, некое решение може да биде и договор со Бугарија, Македонија и Албанија да им се даде максимална помош и да за започне со регулирање на миграцијата на нивните граници, вели Соботка.
На тој начин, вели тој, ЕУ би направила дополнителен притисок врз Грција за подобро да соработува со Турција во совладувањето на бегалскиот бран.
– Зачувувањето на Шенген не е само во интерес на Чешка, Словачка, Полска туку и на земјите како што се Германија, Франција и Холандија. Ниедна од тие земји не најави дека сака да воведе мерки кои би значеле разбивање на шенген-зоната. Многу земји, вклучувајќи ја и нашата ја појачува патролата на границите, но никој не планира да го разбие Шенген, изјави Суботка.
Според него, дури и доколку Германија ги затвори границите, тоа нема да претставува опасност за неговата земја.
– Границата веднаш би ја затворила и Австрија. Со оглед на тоа што Унгарија има ограда на границата, а Словачка е подготвена да ги преземе најострите мерки за безбедност, надополнува чешкиот премиер.
На вонредниот самит во Прага кој ќе се одржи на 15.февруари, премиерите на Вишеградската група ќе го разгледуваат можното решение во Македонија и Бугарија да се стави брана за идните големи бегалски бранови.




