Албанија, која во 2014 година го доби кандидатскиот статус за членка на Европската Унија, ја започна својата борба за реформирање на правосудниот систем на државата.
Европските дипломати, процесот кој започна во Албанија од 2014 година, би го нарекле најголемата правосудна реформа по падот на комунизмот и добар пример за западнобалканските земји за тоа како треба да изгледа борбата со корупцијата и организираниот криминал.
Тој процес всушност е заглавен во средина- правосудниот систем е парализиран, а корупцијата и организираниот криминал во изминативе години цветаат.
Токму затоа Франција и Холандија цврсто се противат на отворањето преговори со Албанија. Освен тоа, од страна на некои земји членки се доведуваат во прашање и постоечките придобивки како што е безвизниот режим.
Европската комисија сепак продолжува позитивно да му пристапува на процесот.
– Направен е добар прогрес во понатамошната имплементација на посакуваните правосудни реформи кои вклучуваат воспоставување на иституциите за самостојно водење на правната гранка на власта и продолжување на резултатите во процесот на ветинг. Преоценувањето на сите судии и обвинители се одвиваше стабилно и испорача важни резултати – се наведува во Извештајот на Европската комисија за Албанија од 2019 година.
Официјални институции од Албанија исто така го потенцираат напредокот во ова поле.
– Денес во албанскиот Парламент беа избрани два нови члена на Уставниот суд. Ние ја поздравуваме одлуката и очекуваме функционален Суд што е можно побрзо. Спроведувањето на правните реформи продолжува и е есенцијално за Албанија на нејзиниот пат кон европската интеграција – порачаа од Делегацијата на ЕУ во Албанија, оваа недела.
Сепак, и покрај пофалбите кои доаѓаат од Брисел, ситуацијата во тоа поле воопшто не е добра. Процесот тече бавно и врските помеѓу криминалните структури и правната гранка на власта се посилни од што е очекувано.
Правосудниот систем е парализиран, а случаите кои треба да се решаваат само се таложат. Според статистиките, во 2018 година 28.863 случаи останале нерешени, што во споредба е повеќе од половина од 2015 година.
Во 2014 година Албанија се заложи за уставни реформи кои ќе го отворат процесот на правосудните реформи. Главната цел беше да се зајакне правната гранка на власта и да се зголеми јавната доверба во правдата. Тоа беше планирано да се постигне преку реевалуација на постоечките судии и воспоставување на нови самовладеачки правни и антикорупциски институции.
Се направи ветинг на сите судии и обвинители, односно се изврши проверка на нивните квалификации, нивниот имот и позадина, како и проверка на интегритетот и поврзаноста со организираниот криминал.
Процесот на ветинг беше воден од специјално за таа цел воспоставената институција наречена „Независна комисија за квалификации“ и Апелационата комисија.
– Досега има 185 евалуирани судии и обвинители. 76 од нив го поминале ветингот и ја задржале својата функција, додека 80 го паднале ветингот и се отповикани. Понатаму, 29 судии и обвинители сами се откажале од овој процес. Има уште 615 судии и обвинители кои треба да го поминат процесот на ветинг – објаснува Ровена Сулстарова, менаџер од Институтот за демократија и медијација.
Судиите и обвинителите при ветингот морале да докажат дека не само што се квалификувани за позицијата која ја имаат туку исто така и дека во минатото немале никаква врска со криминални групи или сомнителни активности кои довеле до нивен профит и добивка.
– Досега повеќе од сто судии и обвинители во Албанија се повлекоа од своите функции, и бројот на оставки се очекува да расте во многу блиска иднина. Со оглед на тоа, повлекувањето на персоналот мора да се гледа како индикатор дека обвинителските тела мора да го истражат нивното минато и активностите кои водат кон поврзаност со организираниот кримина – предупредува Сулсатрова.
Таа додава дека сепак нема кривични истраги против судиите и обвинителите кои не го поминале успешно ветингот.
– Тие се лишени од работа во правосудниот систем за период од 15 години. Телата за евалуација на процесот на ветинг не се овластени да покренат кривична истрага за било кој од предметите предвидени од законот. Сепак, независните институции како што се Високиот инспекторат за проверка и конфликт на интереси, и Генералниот директорат за превенција од перење пари, кои овозможуваат поддршка за телата за ветинг, можат да иницираат кривична истрага ако лицата кои не го поминале ветингот имаат неоправдани добивки или злоупотреба на функција – објаснува Сулсатрова.
Според медиумите во Албанија, во периодот од 2004 до 2014 година, 80 отсто од апелационите судии не можеле да ги оправдаат своите имоти и добивки, додека постоеле и судии кои имале имот повисок од 5 милиони евра, што е далеку над нивните месечни примања.
Проследен од долги процедури и многу одолговлекувања, процесот на ветинг ги изневерува првичните високи очекувања.
Процесот на ветинг е предвидено да биде завршен во 2021 година. Сепак, според Сулстарова, со сегашното темпо, на институциите за ветинг всушност ќе им требаат уште осум години за да се заврши процесот.
Понатаму, целата реформа ја надгледуваше Меѓународниот механизам за набудување кој е под заштита на Европската комисија. Овој механизам е воведен во Уставните анекси, донесен во 2016 година, но исто така покренува одредено ниво на загриженост, заради многу нејасната позиција и улогата што оваа институција ќе ја има откако ќе заврши процесот на реевалуација.
„Новите институции за самоуправа на судството, Високиот судски совет, Високиот обвинителски совет и Советот за именувања на правдата се формирани, што претставува клучен чекор за зајакнување на независноста и одговорноста на судството“, се вели во годинешниот Извештај на Европската комисија.
Покрај овие институции, има и нови воведени кои имаат за цел да се решат во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како што е Националното биро за истраги (НБИ) што е независна структура одговорна за истрага на кривични дела од кривична надлежност на Специјалното обвинителство.
„НБИ е дел од Специјалната антикорупциска структура (СПАК) заедно со Специјалното јавно обвинителство одговорно за истрага и гонење на акти на корупција и други кривични дела поврзани со неа. Како независно истражно тело, НБИ ќе служи како контакт со истражните органи на другите нации во врска со кривични дела корупција “, објаснува Ровна Сулстарова, додавајќи дека воспоставувањето на тие институции во моментот е во тек.
Сепак, политичкиот спор меѓу владејачката и опозициската партија и бојкотот на Парламентот, придружуван од севкупните нестабилни политички услови во Албанија и сложените бирократски процедури што владата мораше да ги спроведе за канцелариите, буџетот и персоналот на новите институции, го попречи процесот на спроведување и го парализира судскиот систем.
„Одложувањата во воспоставувањето на нови правосудни институции, како што се Високиот судски и обвинителски совет, или формирањето на Специјална антикорупциска структура (СПАК), судирот на надлежностите на Обвинителството за сериозен криминал и окружните обвинители, сè до формирањето на СПАК, нефункционирањето на Уставниот суд и Врховниот суд заради недостиг на судии, создаде тесно грло во правниот систем во Албанија “, објаснува Сулстарова.
Истражување на јавното мислење спроведено во 2017 година покажало дека 73,4 отсто од анкетираните граѓани во Албанија веруваат дека правниот систем не ги штити нивните права.
Ситуацијата на терен не покажува дека довербата на граѓаните во правосудниот систем наскоро ќе се зголеми, особено по одлуката за неотпочнување на пристапните преговори за влез во ЕУ, кои беа основниот мотив за реформите.




