Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ноќеска го загуби спорот пред Федералниот суд на Австралија, со што и официјално влезната виза му е добиена и сега, што поскоро, мора да ја напушти земјата, соопштено е утринава по неколкучасовната судска расправа.

Ова значи дека Ѓоковиќ нема да ја брани титулата од Австралија опен и да оди на рекордна 21. гренд слем титула на турнирот кој започнува утре, а покрај тоа ќе значи дека нема да може да се врати во земјата во следните три години.

Србинот чекаше тројцата судии да одлучат дали ќе може да остане во Австралија, каде што веќе утре требаше да игра со сонародникот Миомир Кецмановиќ во првото коло на турнирот. Ова беше втор обид да ја врати визата, и овојпат дебатата се фокусираше на ставовите на Ѓоковиќ околу вакцинацијата.

Легалниот тим на Ѓоковиќ тврдеше дека министерот за имиграции, Алекс Хоук, кој му ја откажа визата, погрешно ги интерпретирал медиумските извештаи за неговиот став за вакцинацијата и дека нема докази дека присуството на Ѓоковиќ ќе предизвика анти-ваксерски немири меѓу Австралијците.

Со ова се става крај на драмата околу Ѓоковиќ, кој пристигна во Мелбурн на 6 јануари, по што беше сместен во хотел за имигранти кога првпат му беше откажана визата.

Како што пренесуваат светските агенции, Ѓоковиќ, кој наскоро ќе биде депортиран од Австралија, рече дека е многу разочаран од одлуката на судот.

–  Ќе одвојам малку време да се одморам и да соберам енергија, пред да дадам дополнителен коментар за сето ова. Крајно сум разочаран од одлуката на судот да ја отфрли мојата апликација за судско разгледување на одлуката на министерот да ми ја укине визата, што значи дека не можам да останам во Австралија и да учествувам на Австралија опен. Ја почитувам одлуката на судот и ќе соработувам, не сум среќен што фокусот во изминатите недели беше на мене, и се надевам дека сега сите ќе се концентрираме на играта и турнирот што го сакам, изјави тој.

Им се заблагодари на сите кои го поддржаа во таквата борба изминатиот период.

– Би сакал да им посакам на играчите, официјалните лица на турнирот, персоналот, волонтерите и навивачите се најдобро на турнирот. На крајот, им благодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите, моите драги Срби за нивната континуирана поддршкa, тие беа голем извор на сила за мене, заклучи најдобриот тенисер во светот.