Грчкиот суд денеска ги отфрли барањата за привремено одложување на издржувањето на затворската казна за поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис и европратеникот Јанис Лагос и двајцата осудени на 13 години затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешното 17-то рочиште беа присутни двајцата поранешни членови на Златна зора, кои се осудени за формирање и учество во криминална организација, а во нивниот исказ пред судот, бранејќи го барањето за суспензија доставено во средата, рекоа дека првостепената пресуда е политичка, а не правна.

Поранешниот пратеник Касидиарис, кој сега има свој партија, тврдеше дека се соочува со истото со кое што се соочуваа градоначалникот на Истанбул, а Грција ја спореди со Турција и Северна Кореа и додаде дека сето ова е за да биде исклучен од следните избори, бидејќи како што рече, неговата партија, според истражувањата на јавното мислење, ќе добие доволен број гласови за влез во Парламентот.

Паралелно, адвокатот на европратеникот Лагос побара да биде изземена обвинителката која предложи да бидат одбиени барањата, меѓутоа и новата беше со идентичен став.

Во судницата и на денешното рочиште, присутни беа и околу 60 поддржувачи на осудените поранешни членови на Златна Зора.

Судењето против Златна зора на средината на јуни почна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен.

На почетокот на октомври 2020 година, судот пресуди дека Златна зора е криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, кои веќе ги издржуваат.

Во обемниот судски процес, осудени беа 50 лица.

Лидерот на Златна зора Никос Михалољакс и пет поранешни пратеници од партијата, меѓу кои и Касидиарис и Лагос добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација, останатите пратеници добија од пет до седум години, а убиецот на музичарот Павлос Фисас, доби доживотна затворска казна.

Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент.