По силниот земјотрес во кој загинаа 291 луѓе, италијанските власти ќе истражуваат дали компаниите ги игнорирале анти-сеизмичките правила и стандарди, кога ги реставрирале јавните згради, пренесе Гардијан.
Училиште и црковна кула кои се урнаа минатата недела, биле градени наводно според високи анти-сеизмички стандарди, веднаш по катастрофата во L’Aquila во 2009 година.
„Сите се сомневаат дека трагедијата не е само прашање на судбина. Наша должност е да провериме дали исто така имало и одговорност, или човечка грешка“, рече Џузепе Саиева, главен обвинител во Риети, град северно од Рим, кој ја води истрагата.
Голем фокус на судската истрага ќе биде основното училиште во Аматриче, градот кој беше разурнат од силниот земјотрес, каде 224 луѓе загинаа, од вкупно 291.
Училиштето беше инагуирано во 2012 година откако беше реизградено од конзорциумот на градежници (Valori Scarl), кои добиле договор од градскиот совет во вредност од 596 илјади евра, за да имплементираат анти-земјотресни безбедносни стандарди во зградите на училиштата.
Според Гардијан, судиите ќе го испитуваат и реконструирањето на кулата на една црква во Акумоли, град во близина на Аматриче, кој е во епицентарот на земјотресот. Четворица, кои биле дел од иста фамилија починале на лице место откако кулата им се урнала над нивниот дом. И оваа градба исто така била реконструирана според анти-сеизмички стандарди со помош на јавни средства дадени по земјотресот во 1997 година во централна Италија.
Сопствениците на домови кои ангажирале компании кои не ги почитувале стандардите може да добијат компензација. Но жителите на Аматриче кои граделе екстензии или правеле големи реновирања без да ги почитуваат стандардите, може да бидат обвинети за одговорност.
По земјотресот околу 2,500 луѓе останаа без своите домови. Премиерот, Матео Рензи и нареди на антикорупциската агенција на Италија, да ги мониторира фондовите доделени за реконструкција на домовите.
Италија имаше ден на жалост во саботата за 290-те жртви во земјотресот. Во Ascoli Piceno, беше одржан емоционален погреб истовремено за десетици жртви. Претседателот, Сергио Матарела, премиерот Матео Рензи и други лидери беа присутни помеѓу стотиците кои ја наполнија локалната спортска сала за да се простат од настраданите.




