Американците веќе изразија подготвеност да организираат церемонија за потпишување договор меѓу Белград и Приштина и да повикаат и други држави, вели Ивица Дачиќ министер за надворешни работи на Србија, во интервју за Политика.
Тој додава дека советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон за тоа разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин и Сергеј Лавров.
– На нив им е цел Русија да е согласна да учествува во тоа, освен оној дел кој го води Европската унија. Големите сили мора да бидат гарант на договорот бидејќи тој мора да помине и во Советот за безбедност на ОН – истакнува Дачиќ.
Минимум е Советот за безбедност да донесе нова резолуција наместо 1244 и тоа врз основа на договори кои Белград и Приштина ќе ги постигнат.
Кога станува збор за дијалогот, Дачиќ вели дека целиот преговарачки процес е во целосна дефанзива и пат-позиција и за продолжување потребно е Приштина да ги укине таксите. Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера порача дека со воведувањето на новите мерки на Приштина, паѓаат во вода сите лаги на косовските политичари.
– Не постои таква сила во светот и таков човек во светот, кој ќе ме натера да зборувам за што било, додека не се повлечат таксите, дури и самиот Трамп да ме повика лично, изјави Вучиќ.




