Претседателот на Политичкиот совет на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДСП), Светозар Маровиќ ќе ги мине наредните 30 дена во притвор.
Оваа одлука е донесена откако во текот на минатата ноќ судијата го сослушал поранешниот претседател на државната заедница на Србија и Црна Гора.
Маровиќ беше уапсен вчера во Подгорица под сомнение за злоупотреба на службената должност, покренување и соработка во малверзации со продажба на земјишта.
Одбраната на Маровиќ најави дека ќе поднесе жалба и дека неговиот клиент во Специјалното обвинителство ја негирал вината, бидејќи, како што кажал во тој период не извршувал никаква државна или друга должност.
Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ рече дека не е неговара работа да ја коментира одлуката на обвинителството.
Специјалното обвинителство минатиот месец издаде налог за апсење на Милош Маровиќ (синот на Светозар Маровиќ), обвинет за малверзација при продажба на 26.000 квадрати на неурбанизирано земјиште во Будва, со која има нанесено штета на градот во вредност од 1,4 милиони евра.




