На големиот марш во Париз, по повод масакарот врз сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, до францускиот претседател Франсоа Оланд се појавија лидерите на Велика Британија, Германија, Италија, Израел. Но го немаше американскиот претседател Барак Обама, ниту државниот секретар Џон Кери, кој има длабоки односи со Франција.
Како претставник на Америка во неделата се појави американскиот амбасадор во Франција Џејн Хартли, бидејќи Кери тогаш беше во Индија, со новиот премиер на земјата Нарендра Моди, со кој САД планира развој на односите.
Американскиот државен обвинител Ерик Холдер исто така беше во Париз, на самит за безбедност и борбата против тероризмот.
За сега од администрацијата на Обама нема официјален став за делегацијата на САД во Париз и отсуството на Барак Обама.
– Државниот обвинител беше на самит во Франција, заменик-државниот секретар исто така, а на маршот во Париз учествуваше амбасадорот Хартли, изјавил за CNN висок претставник на администрацијата на Обама.
Американските претставници потсетуваат дека, доколку некој ја става во прашање солидарноста на Америка, Обама веќе му испратил писмо на Оланд, како и до француската амбасада во Америка.
Во неделата илјадници луѓе маршираа во Париз, а помеѓу нив и важни политички фигури од типот на Дејвид Камерон, Бенџамин Нетанјаху, Ангела Меркел, Махмуд Абас, Сергеј Лавров и други.
Американскиот претседател Барак Обама на 9.јануари ги коментираше терористичките инциденти во Париз, потенцирајќи дека е „важно францускиот народ да знае дека САД е тука за нив денес, а ќе биде тука и утре“.
Белата куќа објави дека на 18.февруари ќе одржи самит на кој ќе се дискутира за борбата против насилството и екстремизмот.




