Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, свиркачите, кои ја открија аферата со прислушувањето на претходниот режим, од денеска повторно се враќаат на своите работни позиции во МВР.
Ова на својот Фејсбук профил го објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, каде објави и фотографија од средбата.
Лазаревски е сведок во предметот на СЈО за прислушувањето „Таргет Тврдина“, каде откри детали за тоа колку време му било потребно да открие што се случува зад ѕидовите на УБК, со какви закани се соочувал и кој се бил прислушкуван од блиското опкружување на обвинетите за аферата.
Заедно со Костовски ја открија аферата за најмасовно прислушување во Македонија.
Лазаревски 11 месеци беше во притвор. Тој беше човекот кој работел во службата, сведок е на злоупотребите од огромни размери на предистражните мерки и јавноста никогаш немаше да ги чуе бомбите да не беа обичните „смртници“ од службата – професионалната администрација.
-Во тој период се создаде амбиент на приватизација на институцијата. Во еден момент јас бев во очај и мислев дека ова никогаш веќе нема да се сруши…За среќа преживеавме, но јас не можам да се повратам, едноставно не сум веќе истиот човек…Веројатно за еден живот вреди да се помине тоа, да си речеш „барем не сум живеел залудно, изјави најпознатиот македонски свиркач Ѓорѓи Лазаревски за НОВА, лани во август.