Решението за куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески е доставено вчера и оттогаш формално тече мерката куќен притвор од 30 дена за него, потврдија за НОВА портпаролката на СВР Битола Сања Стаматова.

Во меѓувреме иако Талески ја обжали одлуката пред Апелационен суд, од повисокиот суд велат дека жалбата се уште не е стигната кај нив. Се чека Кривиичниот суд да ја комплетира жалбата по што таа ќе биде испратена до Апелација.

Вчера граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) кое ги брани владините политики и дел од градоначалниците, со масовен собир пред судот побара итно ослободување на Талески.

Кривичниот суд доби закана од Александар Пандов од ГДОМ, дека народот ќе влезе во судовите ако судиите не судат праведно. Тој изјави дека судовите станале како Казабланка и оти странски претставници им вршат притисок на судиите да судат против претставници на власта.

„Сега, како претставници на ГДОМ, ќе однесеме декларација со којашто им даваме поддршка на судиите и сакаме оттука да им порачаме дека овој пат ќе влеземе само неколку луѓе коишто ќе ја достават таа декларација. Треба да им биде јасно дека во идно време, многу пати повеќе од овие луѓе што сме собрани сега, ќе дојдеме и нема само неколку луѓе да влеземе во судот, туку сите луѓе ќе ги поканиме и да влеземе во судот, исто зашто ова е наш, македонски суд, да ни објаснат зошто под притисок и зошто носат некои одлуки, зошто прават подеднакво равенство меѓу докажани криминалци и луѓе кои немаат ама баш ништо криминално направено во животот“, рече Пандов.

Талески е еден од осомничените во случајот Транспортер, во кој 22 лица се товарат за незаконски тендери за транспорт на учениците од училиштата во регионот на Битола.

Истрагата опфаќа вкупно 81 криминално дејствие, спротивни на Законот за јавни набавки и Законот за средно и основно образование, а освен градоначалникот осомничени се уште 21 лице за злоупотреба на службената положба и проневера на пари.

За Талески првично од СЈО бараа само конфискација за дел од неговиот имот, бидејќи и тој се најде на листата на помилувани од Иванов. По укинување на аболицијата, СЈО побараа мерка притвор за него.