Светот ги менува протоколите за заштита од Ковид-19. Откако властите во Велика Британија и Израел најавија укинување на зелените пасоши, сега и Светската здравствена организација им порача на светските лидери да размислат за повлекување на ковид сертификатите како услов за патување.
Надлежните во земјава се уште не зборуваат на оваа тема, но лекарите велат дека препораките на СЗО би требало да се почитуваат и оти здравствените власти треба да размислуваат во оваа насока.
Доктор Александар Петличковски, од Институтот за имунологија, во разговор за НоваТВ вели дека во овие нови услови, на ширење на омикрон мутацијата, вакцинацијата не е гаранција дека некој нема да го фати вирусот, а со тоа се компромитира и значењето на вакциналниот ковид сертификат.
„Траба да се размислува за олеснување на политиката во однос на ковид сертификатите следејќи ги искуствата од западните развиени економии. Во однос на другите мерки, она што прво треба да се направи е да се скрати времето на изолација кај позитивните лица на 5 до 7 дена. Тестови да прават само оние со симптоми, но не сите кои биле во контакт со позитивно лице“, вели доктор Петличковски.
Во однос на носењето на заштитни маски, Петличковски смета дека маските како мерка треба да останат, посебно при престој во затворен простор, бидејќи смета дека наглото повлекување на сите рестриктивни мерки може да донесе и до 10.000 нови случаи на ден, нешто што здравствениот систем во Северна Македонија не може да си го дозволи.
„Препораките на СЗО за укинување на сертификатите за вакцинација како услов за патување се на место“, вели во изјава за НоваТв и епидемиологот Драган Даниловски. Според него, ваквите сертификати се бесмислени, оти, како што вели, немаат никакво влијание врз ширењето на Омикрон варијантата.
„Наспроти сертификатите, бројките пораснаа минатата недела за 20 проценти секаде во светот, освен Африка. Но, јас би додал, сертификатите треба итно да се укинат не само за патувања, туку и во секојдневниот живот. Не се постигнува ништо, освен непотребна дискриминација и малтретирање на граѓаните. Впрочем, така веќе постапија Велика Британија и Данска. Тие отидоа дури и подалеку – маските веќе не се задолжителни. Се надевам дека надлежните ќе ги разгледаат овие најнови информации и соодветно ќе реагираат“, вели професорот Даниловски, додавајќи дека појавата на омикронот ќе значи и крај на пандемијата.
И трансфузиологот Нико Беќаровски, кој во екот на пандемијата беше дел од тријажниот ковид центар, пишува дека ковид сертификатите се смешни во ерата на Омикрон сојот.
„Ако сите се сложуваме дека ниту вакцината, ниту претходното прележување не заштитува од можноста да се заразиме и да го пренесеме омикронот, тогаш која е целта на КОВИД СЕРТИФИКАТОТ во дадениов момент??? Некој ќе каже, вакцинираните и прележаните многу полесно ја поминуваат болеста и потешко се заразуваат. Да 100% точно и затоа е паметно да сте вакцинирани, ама тоа е личен ризик на непрележаните и невакцинираните, а не ризик по колективното здравје, поради кои и се воведоа овие сертификати“, пиша Беќаровски на социјалните мрежи и ги повика членовите на Комисијата за заразни болести да размислат околу ова прашање.
Нова Тв испрати прашање до кабинетот на новиот министер за здравство, дали ги следат најновите препораки на Светската здравствена организација и дали размислуваат да постапат во посочената насока, но од Министерството засега не добивме одговор.
(Биљана Божиновска)
СЗО бара укинување на сертификатите како услов за патување
Светската здравствена организација излезе со нова препорака до сите земји – да се размисли за укинување на доказите за вакцинација како услов за патување, поради тоа што не сите земји имаат еднаков пристап до вакцините.
„Забраните за патување, за летови, ограничувањата на границите и аеродромите досега не дале видлив резултат во борбата со новиот омикрон-сој на коронавирусот“, сметаат од Светската здравствена организација и затоа препорачуваат укинување на овие мерки кои, меѓу другото, го попречуваат економскиот развој на земјите.
Откако Омикрон сојот иницијално се појави во Јужна Африка, многу земји ги забранија летовите од оваа држава, а потоа и од други држави. Поради се уште актуелните мерки за забрана за движење, СЗО предлага овие земји да ги реобмислат мерките како карантин или тестирање и да ги приспособат за време „кога тоа е соодветно“.
Организацијата соопшти дека бројот на случаи на коронавирус ширум светот се зголемил за 20 отсто минатата недела, што значи дека светот брои повеќе од 18 милиони заразени. Цифрата се зголемила во сите места во светот, освен во Африка, каде што бројот на заразени падна за речиси една третина. Бројот на смртни случаи, според СЗО, на глобално ниво останал ист.
Израел и Велика Британија размислуваат за укинување на ковид пасошите
Велика Британија речиси целосно ги укинува мерките за заштита од Ковид -19. Британскиот премиер Борис Џонсон вчера најави дека следната недела ќе ги укине повеќето рестриктивни мерки воведени за контрола на омикрон сојот на коронавирусот во Англија, а дека од март планира да ја укине изолацијата за луѓето кои биле позитивни на вирусот.
Од 27 јануари носењето маска веќе нема да биде задолжително, нема да биде официјално препорачливо да се работи од дома, а ковид потврдите веќе нема да се бараат за влез во ноќни клубови и одредени поголеми собири.
„Со оглед на фактот дека ковидот станува ендемична болест, ние треба да ги замениме законските обврски со упатства и препораки“, истакна Џонсон.
И Израел е на чекор да ги укине ковид сертификтите, т.н. зелени пропусници, откако против ваквата мерка се изјасни израелскиот министер за финансии Авигдор Либерман, пренесе весникот Џерусалем пост.
„Нема медицинска ниту епидемиолошка логика во зелените пропусници, како што заклучуваат многу експерти. Она што постои е директна штета на економијата, на секојдневното функционирање и, дополнително, значително придонесува во јавната паника. Работам со сите засегнати страни за да ги елиминираме зелените пропусници и да ја одржиме нормалната рутина, за сите нас“, рече Либерман.
Засега само луѓето што биле вакцинирани, прележани или тестирани претходниот ден (во последните 72 часа во исклучителни случаи) имаат пристап до некои активности и објекти, а во некои случаи и на работното место. Израел деновиве имаше над 65.000 случаи на коронавирусот на дневно ниво.