Министерот за надворешни работи на Косово Хашим Тачи побара високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини да се вклучи во дијалогот Белград-Приштина.
– Сфаќам дека Могерини има доста зафатена агенда, но Балканот треба да биде еден од приоритетите на ЕУ. Ако сакаме да имаме успех, Могерини треба да биде присутна на состаноците. Таа треба да биде на чело на разговорот, вели Тачи во интервју за „Волстрит Џ’рнал“.
Тачи изјави дека не е носталгичен кон југословенскиот комунистички лидер Јосип Броз Тито, но оти во негово време Албанците слободно се движеле и можеле да патуваат без визи. Дополнително изрази и незадоволство поради тоа што не е либерализиран визниот режим за граѓаните на Косово.
Тој очекува разговорите со Србија да продолжат во Брисел во втората половина на јануари. Најверојатно на состанокот покрај Тачи и српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, ќе присуствуваат и премиерите на двете земји, Александар Вучиќ и Иса Мустафа.




