Косовскиот министер за надворешни работи, Хашим Тачи за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека масовното излегување на граѓаните од Косово е резултат на шпекулациите дека Германија дава работни и дозволи за престој.
– Тоа е апсурдно, но предизвика се повеќе луѓе илегално да патуваат во Германија. Дури и некои косовски медиуми во јануари објавија приказни за луѓе кои во Германија наводно добиле станови и работна дозвола. Некои пак сериозно коментираа дека државите во западна Европа поради ниската стапка на наталитет, ги викаат луѓето од Косово да се доселат, рече Тачи.
Неодамна весникот „Бота Сот“ пишуваше дека масовниот егзодус создава несигурност на Косово, кое го напуштија десет отсто од жителите.
– Масовното иселување ќе влијае негативно и на безбедносниот аспект со оглед на тоа дека сега е општо познато дека 10 проценти од населението на Косово ја напуштило земјата, пренесува весникот „Бота Сот“.




