Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача дека нема таква санкција кон Косово која може да го натера да ја укине таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави МИА од Приштина.
Харадинај, по денешната седница на Владата, коментирајќи ги наводите во медиумите дека Соединетите Американски Држави најавиле дека „ќе ги продлабочат санкциите“ кон Приштина долку не се суспендира таксата, изјави дека „јазикот на закани кон Косово не врши работа“.
Портпарол на американската амбасада во Приштина изјави за КТВ дека Вашингтон испратил писмо до премиерот Харадинај, претседателот Хашим Тачи и првиот парламентарец Кадри Весели, во кое се бара суспендирање на таксата, инаку ќе се воведат „нови санкции“. Неименуваниот претставник на амбасадата за приштинската телевизија изјавил дека писмото е потпишано од официјални претставници на Белата куќа, на Стејт департментот и на Министерството за одбрана.
– Таксата можа да остане до бескрај, доживотно, или додека не се реши проблемот Косово-Србија. Нема санкции кои ќе не натераат да ја укинеме таксата, ниту од одделни држави ниту од организации. Притисоците врз Косово нема да дадат ефект, изјави Харадинај по владината седница.
Претходно, денеска косовскиот премиер се сретна со амбасадорот на САД Филип Коснет, кому, како што информира, исто така, му повторил дека таксата ќе се укине кога Србија ќе ја признае независноста на Косово.
Хардинај изјави и дека од Коснет и денеска му било „сугерирано“ да ја укине таксата и дека тоа е „јасен став на Стејт департментот“.
– Тие се едногласни. Сугерираат таксата да се суспендира за да се отвори патот за дијалог (со Србија). Тоа беше повторено и денеска и на секоја средба, меѓутоа разговаравме и за многу билатерални теми. Нашиот став е јасен. И јас сакам таксата сосема да се укине и Косово тоа го посакува, меѓутоа тоа е поврзано со признавањето од страна на Србија. Моја сугестија е темите да не се поврзуваат една со друга. Дијалогот е започнат пред таксата и никогаш не бил условуван, така што не треба ни сега да се условува. Постигнувањето договор со Србија е во интерес на Косово, изјави Харадинај, додавјаќи дека „Косово го чинеше многу процесот на дијалог во изминатите 20 години“.
Поради неприфаќање на американското барање за укинување на таксата, на Харадинај му беше одбиена визата за молитвениот појадок во Вашингтон, а деновиве беше одложена и претходно најавената посета на американски генерал на Приштина.
Тачи контра Харадинај
Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека никогаш досега не ни помислувал дека Приштина ќе се најде во позиција да ги доведе во прашање своите односи со САД.
Во изјава за албанската државна телевизија, Тачи нагласи дека не верува оти некој од коосвките лидери „се чувствува добро“ затоа што на Србија и е нанесена штета од само неколку милиони евра, а за возврат Косово „доби шлаканица до САД“.
– Верувам дека во следните денови и недели ќе најдеме некакво креативно решение. Никаква штета нанесена на Србија не ја оправдува штетата во односите (на Косово) со САД, изјави косовскиот претседател.
Тачи истакна дека Приштина не треба да биде таа која ќе биде посочена како страната што го блокира дијалогот со Белград.
Српските власти одбиваат да се вратат на преговарачката маса со Косово се додека се во сила тарифите за увоз на стоки од Србија, што ги воведе косовската Влада.




