Гостин денеска во рубриката-Интервју, ни е Давид Тасевски – психолог, извршен директор на Субверзивен фронт, невладина организација чиј фокус на работа е ЛГБТИ заедницата но, и младите, понудата на бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка.Со Тасевски проговоривме на темите од општ интерес имено, како македонското општество сите заедно да го направиме потолерантно, похумано и општество без дискриминација. Земја во која младиот човек ќе сака да остане и да се реализира на професионален и приватен план, на еден достоинствен начин и начин ослободен од притисоци, уцени , закани. – Мислам дека веќе одамна не можеме да се „вадиме“ на „балканскиот менталитет и традиција“. Често присутно беше и она „ние сме многу топол и мирољубив народ“. Сликата од пракса не вели така. Ние станавме систем полн со омраза, нетрпение и насилство. Систем кој ги поттикнува луѓето да се борат на нечесен начин за да стигнат до одредена позиција, вели меѓу другото Тасевски во интервју за НоваТВ

 НоваТВ: Тасевски може ли најнапред да ги запознаете нашите читатели со основните постулати на Субверзивен Фронт,за што се залага и која му е целна група?

– Целната група со која работи Субверзивен фронт се ЛГБТИ луѓето. Организацијата во своето минато има работено на проекти за млади, нудење бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка, нашиот тим има учествувано и во креирање на закони, како и истражувања. Главен фокус кој излезе во изминатиов период е психосоцијалната поддршка. Во 2020 година ја отворивме првата Национална ЛГБТИ+линија, која освен за самата заедница, е отворена и за нивните семејства, но и стручните тимови од училиштата и центрите за социјална работа. На линијата работат искусни психолози и социјални работници, но имаме и тим од психотерапевти кои почнаа да работат во новоотвореното советувалиште за ЛГБТИ+ луѓе, прво од ваков тип за нашата заедницата, кое се отвори годинава.

НоваТВ: Правата на ЛГБТИ заедницата се едни од корпусот права за кои се борите. Ако повлечете линија, што од планираното успеавте да исполните?

– Има многу промени кои се имаат случувано изминативе години, на кои работат повеќе организации. Се вложува и во вработените во државните институции, а се прилагодуваат и законите со цел ЛГБТИ луѓето да имаат еднаков пристап во уживање на своите права како и сите останати граѓани. Она што останува како генерален проблем кој се покажува во пракса и за останатите области и целни групи, е постоење на законите само на хартија. Имаме уште многу работа за да стигнеме до моментот на институции со вработени кои ефикасно ќе ја завршуваат својата работа, за која земаат буџетски плати.

НоваТВ: Каков е впечатокот за македонското општество, колку е толерантно и ги разбира потребите на маргинализираните групи како што се нарекуваа порано?

– Сè уште го користиме „маргинализирани групи“, бидејќи тие постојат и се наоѓаат на маргините. ЛГБТИ луѓето не се единствени кои се вбројуваат во овие групи, а за македонското општество секојдневно сведочиме колку е толерантно. Ако тргнеме од моментот дека различната партиска припадност е извор на омраза и нетолеранција во нашето општество, која се користи за подгревање на насилство помеѓу народот, не морам ни да почнувам да објаснувам колкава количина омраза постои за други групи на луѓе. На социјалните мрежи секојдневно забележуваме повици на насилство за луѓе, па и охрабрување или минимизирање на убиства на бездомни животни. Генерално сме општество со огромна количина на омраза и тоа се должи на нефункционалноста на системот која трае од осамостојување на нашата земја. Македонија е во криза 30 години, и тоа не може да не се одрази кај граѓаните во форма на гадење, агресија, разочараност, кои во немање идеја каде и на кој начин да се насочат, најчесто се насочуваат кон друга група граѓани кои се поразлични од нив, и тоа секогаш кон некоја група која е послаба во тоа општество. Ние сме систем кој долго време е тажен, бесен и систем кој има претрпено многу загуби, па според тоа можеме слободно да кажеме и дека сме еден депресивен систем.

НоваТВ: Тука би ве прашале и за законската регулатива. Колку  потребите и правата се вкопонирани во законите,за да може да уживате заштита но пред се нормално да функционирате?

– Сè уште не можеме да зборуваме за еднакви права, бидејќи еден истополов пар во нашата земја не може да оствари основни права, а дел од нив се правото на наследување имот, пензија, право на осигурување од брачен партнер, како и право на посета во болница кое е регулирано само за член од семејство, а овие парови не можат никако да ја регулираат нивната врска. Така што, кога зборуваме за видливост или невидливост на заедницата кое често се дискутира помеѓу народот, се заборава дека системот нема решение за истополовите партнери кои дури и да решиле да живеат затворени во своите четири ѕида, не можат да ги остварат своите права надвор од домот при контакт со било која институција.

НоваТВ: Во еден разговор рековте дека долги години сте работеле и истражувале на појавата на насилство со кое се соочуваат луѓето од маргинализираните групи. Што велат податоците но и компаративните анализи со овој период?

– Знаете како, бидејќи имам работено на Линија за родителство и на програма за родителски вештини во фаза на истражување, нема да зборувам за насилство врз маргинализирани луѓе, туку ќе извадам еден податок од УНИЦЕФ за нашата земја, кој вели 8 од 10 родители користат насилни методи при воспитување на сопствените деца. Зарем после оваа загрижувачка информација ние имаме простор да зборуваме за друго насилство без да го споменеме ова? Ние не ни можеме да очекуваме ненасилен систем, ненасилно решавање на конфликти кога сите сме дел од едно општество кое насилството го користи како алатка за комуникација, а кога се случува насилството, сè уште се дискутира за причината, со цел да се оправда и нормализира насилството. Ние сме систем кој нормализира насилство и потиснува емоции.

НоваТВ: Според вас, на која позиција би ја сместиле Северна Македонија,според правата на ЛГБТИ?

 – Нема да зборувам за позиции, бидејќи и не е толку важна точната позиција. Важно е дека Македонија се наоѓа надвор од листата на оние земји кои се најпосакувани за живеење, работење, и основање на семејство поради сигурноста која ја нудат. Иселувањето ни е сè уште еден од главните проблеми кај младите, а младите се селат во оние општества кои се мирни, средени, во кои се почитуваат законите, во кои стандардот е неспоредливо повисок, и во кои прашањата за зачувување на животната средина и човековите права само се подобруваат. Македонците, вклучително и сите млади од целиот регион, се селат и основаат семејства во земјите каде за ЛГБТИ прашањата не се дискутира повеќе. Каде повик на насилство или дискриминација на било која група веднаш се казнува. Нашите сограѓани сакаат да живеат во тие системи, меѓутоа е поразувачки што не сакаат системот од кој бегаат да го направат да изгледа како земјите во кои бегаат. Единствено систем кој ја вреднува секоја единка и вложува во неа, може да се нарече успешен систем кој произведува среќни и перспективни луѓе, кои во текот на нивниот живот ќе вратат назад во подобрување на тој систем.

НоваТВ: Дали сметате дека балканскиот менталитет и традицијата си го прават своето, или до менталниот склоп е на луѓето овде, како ги поимаат различностите?

– Мислам дека веќе одамна не можеме да се „вадиме“ на „балканскиот менталитет и традиција“. Често присутно беше и она „ние сме многу топол и мирољубив народ“. Сликата од пракса не вели така. Ние станавме систем полн со омраза, нетрпение и насилство. Систем кој ги поттикнува луѓето да се борат на нечесен начин за да стигнат до одредена позиција. Систем во кој позицијата во државна институција се гледа како на приватна сопственост на политичките партии, позиција во која нема потреба да се работи, туку е добра понуда за сигурна плата која ќе овозможи брзо подигање на станбен кредит. Позиција од која ќе може да се работи за партиските интереси, но ќе се молзат буџетските средства во кои сите ние вложуваме. И во оној момент кога ова станува сликата за едно општество, довербата кај граѓаните полека се губи. Бидејќи кај нас е веќе изгубена, ние во моментов сме систем во кој граѓаните имаат недоверба дури и во добрите и квалитетни предлози. Ние во моментов сме параноичен систем во кој граѓаните имаат сомнеж и недоверба во ближниот. Во ваков систем, ние за жал не можеме да зборуваме за почит на никого, а особено не на различностите. Сепак, сите ние имаме одговорност и обврска кон себе и кон идните генерации, да се обидеме да ја промениме оваа слика.

НоваТВ: Во која перспектива треба да се развиваат правата на оваа заедница?

– Знаете како, во овој систем, праксата вели дека ниедна група не дошла до остварување на сопствените права без протест. Нашиот протест е Парадата на гордоста. Меѓутоа, за разлика од многу други насилни протести, ние нашиот протест го правиме со насмевка, весел марш и музика. Сепак, на дел од луѓето во ова општество нашиот протест им пречи, можеби затоа што се навикнати на насилство, агресивни протести и сеење страв. ЛГБТИ заедницата нема намера да заплашува никого, во овој и онака разрушен и исплашен систем кој нема идеја како да се развива. Имајте на ум дека само со еднаквост на сите заедници, можеме да зборуваме за желба за еднакво вложување и учество во подобрување на системот. Сè додека постојат групи кои се маргинализирани и не ги уживаат основните права, никогаш нема да стигнеме да моментот да бидеме општество во кое граѓаните ќе посакуваат да живеат, а младите нема да покажуваат толку висок процент на желба за иселување по наполнети 18 години.

М.Трпческа